Активирај се | Создадено од вас |

Иселување на младите во странство – модерен тренд или општествен проблем?

feat-img

Разочарани од ситуацијата во државата, младите најчесто знаат да речат дека се чувствуваат како граѓани од втор ред во сопствената земја бидејќи како што велат, властите не прават ништо за тие да останат.

Расте бројот на млади кои сакаат да ја напуштат земјата, а речиси и да не постои младо лице кое својата иднина не ја гледа во странство. Иселувањето на младите е повеќе димензионален проблем со кој нашето општество се соочува веќе подолго време, не само затоа што се намалува бројот на населението, туку затоа што ги губиме потенцијалните млади лица кои можат позитивно да допринесат во нашата земја.

Недостатокот на општествениот развој и немањето на перспектива се главните причини зошто младите својата иднина не ја гледаат во својата земја туку некаде надвор, во западните земји. За ова говорат и податоците од истражувањата кои алармираат за потребата од изготвување на државни политики преку кои ќе се овозможи младите да останат во земјава и нивниот потенцијал да биде соодветно искористен.

Џулијано Тодороски веќе пет години живее и работи во Берлин, Германија. Вели дека условите и можностите за живот и напредок се далеку поголеми и подобри, за разлика од нашата земја.

Вели дека најмногу му фали фамилијата, друштвото и пријателите, а на шега додава дека му фали и нашиот ајвар и македонските традиционални јадења. Засега не планира да се враќа во родното место, но доколку се сменат работите, вели дека би се вратил, бидејќи како што вели, Македонија е најдобрата земја за живеење.

Несоодветните реформи во образовниот систем, лошата состојба на здравството, недоволниот кадар и лошото функционирање на државните институции се само мал дел од оние работи кои граѓаните би сакале да се променат. За оваа ситуација потврдуваат и последните два пописи кои се направени, со што во последните две децении од Северна Македонија се иселиле приближно седумдесет и седум илјади млади луѓе.

Ива Темелковска од Прилеп, ученичка во медицинското училиште „Ѓорче Петров” веќе размислува по завршувањето на средното образование да замине од државата токму поради подобрите услови за живот.

Најголемиот дел од младите се одлучуваат на овој чекор поради градење на кариера, барање на подобар животен стандард и стабилна егзистенција. Оттука можеби и вербата дека во другите држави ќе ги задоволат своите потреби во однос на сигурноста и обезбедување квалитетен живот. Разочарани од целокупната ситуација во државата, младите најчесто знаат да речат дека се чувствуваат како граѓани од втор ред во сопствената земја бидејќи како што велат, властите не прават ништо за тие да останат. Проблемот го гледаат во погрешните политики во изминатите 30 години кои произведувале работна сила која што не одговара на потребите на пазарот. Во врска со ова прашање постојат и податоците од истражувањето и споредбата на минималните плати во регионот и кај нас, што покажува дека во тој опсег сме претпоследни на таа листа. Македонија е со најнизок минималец од земјите кандидати за членки за Унијата. Според Евростат со плата од 327 евра, трудот на работникот во нашата земја е најмалку платен. Пред нас се Албанија, каде минималната загарантира плата изнесува 350 евра и Србија со 402 евра. Речиси двојно повисока минимална плата се исплаќа во Хрватска (677 евра), а тројно во Словенија (1203 евра). За жал, младите овде не го добиваат она што им е потребно, немаат квалитетно образование, немаат квалитетни и добро платени работни места, а со тоа не можат да си ги остварат и своите желби и соништа.

АВТОР: Михаил Ангелески, средношколец во СОУ „Ѓорче Петров“, Прилеп