Активирај се | Создадено од вас |

Kафе-книжарниците – засолниште од градскиот метеж

feat-img

Издавачката куќа „Три“ во 2005 година се пофали дека ја отвора првата кафе-книжарница во земјава. Речиси 20 години подоцна, кафе-книжарници има сè повеќе и во Скопје и во други градови низ нашата држава. Во овие посетени културни простори можете (барем накратко) да се засолните од градскиот метеж и да уживате во пишаниот збор со топла шолја кафе.

„Максим Горки“ е една од улиците кои водат до главниот плоштад во Скопје, па речиси и да нема време во денот кога по неа не е врвулица од луѓе и автомобили. Но, на адресата со бројот 19 има мала оаза од градскиот метеж. Името и е „Метаноја“, а функцијата – литературно кафе или колоквијално, кафе–книжарница. Тука може да се поднови сопствената библиотека или на мир да се прочита некој ред со топло кафе или чај.

Со директорката на оваа кафе-книжарница, Нада Милкова, разговаравме околу идејата за отворање на ваков тип на кафуле. Нејзината желба за спој на љубовта кон квалитетни книги и квалитетно кафе за неа претставува освежување на целата личност.

„`Метаноја` е идеално засолниште за оние кои ги следат книжевните трендови и сакаат да вкусат топло кафе или чај“, вели Милкова.

Кафе-книжарницата „Метаноја“ постои само неколку години, но како издавачка куќа зад себе има близу две и пол децении историја. „Прв пат сум во ваков локал. Не очекував дека атмосферата ќе биде толку убава. На едно место собрани урбани ликови и интелектуалци. Сметам дека треба да има вакви локали низ цела држава, а не само во Скопје“, вели Александар, гостин во „Метаноја“.

Извор: Фејсбук страна на Метаноја

Се повеќе кафе-книжарници

Желбата на нашиот соговорник веќе е реалност низ делови од земјата. Кафе-книжарниците имаат своевиден тренд во Скопје. Покрај „Метаноја”, вакви културни места се и „Кафе-Литература”, „Буква” и „Бејкер Стрит”. Ако се пребројат профилите низ Златна книга низ земјава ги има уште и „Бисим кафе“ во Битола и „Арт кафе“ во Штип.

Некои од нив го нудат она што го кажува името, кафе и книга, но други отишле и чекор понатаму.

Кафе-книжарница „Буква“ – центар на книжевни ентузијасти

„Буква“ е книжарница која го освежи македонскиот книжевен простор. Таа застапува повеќе од 20 издавачки куќи, при што предност имаат малите и средните книгоиздателства, а на полиците може да се сретнат и голем број лични и самостојни изданија.

„Целта на ваквата приоретизација е да го обезбедиме физичкиот простор што им е потребен на квалитетните редакции и издавачки програми на малите куќи за соодветно претставување на нивните одлични изданија на преводна или домашна литература. Она што особено нè радува е сè поразвиениот интерес за домашната книжевна продукција и препознавањето на квалитетниот книжевен превод на македонски јазик”, вели еден од тројцата основачи на „Буква“ Андреј Јованчевски.

„Буква“ е простор посветен на поврзување на различните оддели на скопската културна сцена – место за активно пресекување и соработка на авторите од различни културни сектори и за градење сестрани и развиени интереси, потреби и навики кај културната публика во Скопје. „Многу сакам вакви ненаметливи и спонтани места. Нашиот град станува европска метропола, но мислам дека треба да има вакви катчиња; не само класични задимени кафулиња и силна музика која и по напуштањето на локалот ќе ти одѕвонува во ушите. Давам огромна поддршка за што помасовно отворање на вакви урбани кафулиња”, ни кажа Марко, кој е редовен гостин во Буква.

Фото: Надворешен изглед на кафе Буква

„Кафе Литература“ – нешто повеќе од кафе

Додека кафе-книжарницата „Буква“ се обидува да ја збогати понудата на културни настани и пошироко од книгите, „Кафе Литература“ посветува повеќе внимание на кафето. Во ова место, спојот на одлични наслови на книги, добрата пијачка, програмата на културни настани и кругот на редовни посетители обезбедува контекст за постојано и комотно движење и развивање на овој културно-книжевен простор во Скопје.

Таму посетителите би споделиле убави моменти пропратени со книга и пијалок. Истотака, на менито има избор од различни видови кафиња, по вкус и на најпребирливите консументи на кафето. Застапени се и различни видови на коктели, топли напитоци, безалкохолни пијалаци, избрани брендови на алкохол и селекција на квалитетни вина. Кафе-барот е идеален простор за промоции и за одржување на разни културни настани, книжевни средби, концерти, бизнис-презентации и снимања.

„Имав можност да го посетам кафулето “Литература` во `Сити мол`. Многу пријатна атмосфера, а опружувањето од книги дава посебен шарм на самото место. Дефинитивно ќе го посетувам почесто”, изјави Кристина, посетителка на Kафе Литература.

„Ова е многу фино место, микс на култура, литература и добар пијалок. Вакво нешто одамна му недостасуваше на Скопје. Добро е што има вакви места, но не да бидат само неколку. Треба да има во скоро секоја општина барем по две-три. Во секој случај одлична инвентивна идеја”, вели Тамара, редовна посетителка на кафе Литература.

Фото: Внатрешен амбиент на кафе Литература

Кафе-книжарниците ви овозможуваат да се опуштите, да се исклучите од светот надвор и да уживате во спојот на квалитетна пијачка и добра литература. Преку овие места, безвременската привлечност на раскажувањето приказни продолжува да ја плени публиката, поттикнувајќи заедница на читатели кои го негуваат пишаниот збор во урбаниот пејзаж кој постојано се развива.

Автори: Катерина Котески, Марија Тасевска, Теодора Милеска

Текстот претставува финална задача изработена на Мастер часовите за медиуми и новинарство на Институтот за комуникациски студии и ИРЕКС во рамките на УСАИД проектот за медиумска писменост „Младите размислуваат“.