Активирај се | Создадено од вас |

Колку денес младите читаат книги?!

Автор: Магдалена Сарагинова, професорка во СОУ „Кочо Рацин“, Велес

Пред неколку дена наидов на статистички податоци според кои бројот на млади кои никогаш не читаат книги, од 1984 до 2014 година е зголемен за трипати, односно од 9 на 27 отсто. Овие истражувања се спроведени од страна на „Комон сенс медиа“, платформа за отворени ресурси што се занимава со оценување и поставување возрасни граници на филмови, книги, видеоигри и слично.

 

Ова претставува застрашувачка статистика. Причините верувам дека сите ние ги знаеме. Развојот на техниката, технологијата и Интернетот допринесоа младите сè помалку и помалку да читаат книги. Се соочувам со сè повеќе ученици на кои поголемо задоволство им е да изгледаат некое онлајн-видео, да изгледаат филм снимен според некоја книга, отколку истата да ја прочитаат. Денес читањето книги како вредност, за жал, е потценето и исмеано.

Според истражувањата, девојките генерално читаат повеќе книги од момчињата. Младите на возраст од 14 до 18 години претпочитаат да читаат книги со љубовно-романтична содржина, како што се книгите на Никола Спаркс и Даниела Стил. Ги сакаат и психолошките трилери од кои навистина може да се научи нешто за животот и предизвиците кои тој ни ги нуди. Постојат млади на кои криминалистичките книги им се опсесија. Преку нив си ја хранат љубовта кон професијата и бруталностите со кои таа се соочува.

Од искуството како професор по македонски јазик и литература многупати сум доаѓала до заклучок дека на учениците не им се интересни понудените дела во наставната програма. Тоа е така бидејќи на Интернет им се достапни анализите на делата, анализите на ликовите, па поради тоа тие не чувствуваат потреба да ги читаат зададените дела. Многу од моите ученици изразиле желба во наставата да воведеме некоја нова, актуелна книга, кои самите ќе си ја изберат или јас како професор ќе им ја препорачам. Но за жал, тоа не можеме да го реализираме, бидејќи наставната програма по македонски јазик и литература не го дозволува тоа. Таа содржи наставни теми од областа на јазикот и литературата, дела кои учениците веќе ги имаат обработувано во основното образование, па сега во средно им се здодевни за препрочитување и анализирање. Наставниците по македонски јазик и литература неколку пати досега укажуваа дека наставната програма треба да се реформира, меѓутоа Бирото за развој на образованието сè уште не презема ништо во врска со нашите барања.