Активирај се | Создадено од вас |

Македонија се попривлечна за сајбер криминалците, внимавајте!

feat-img

Време е сериозно да се сфати важноста на сајбер безбедноста во Македонија. Бројот на хакерски напади зголемен за трипати од порано. Алармот е вклучен. Најмладите генерации се најчести жртви на злонамерен софтвер, покажаа резултатите од анкетата од страна на група студенти на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство во Скопје (ФИНКИ). Големата љубопитност и недоволната информираност го зголеми бројот на жртви на Интернет.

Дека светот станува сè поранлив на напади говори и видеото каде серија хакерски напади предизвикаа хаос во повеќе делови од светот и го попречија пристапот до најпознатите веб сајтови. Во трите квартали на 2021, имало повеќе хакерски напади, дури 146, одошто во претходните три години заедно.

Кога станува збор за Македонија, како мала земја, за успешно справување со сајбер заканите, потребно е да се има јасно дефинирана национална стратегија за сајбер безбедност, вели Филип Стојковски од Центарот за истражување „Аналитика“.

Досега имало неколку случаи на незаконски упади во веб-страници на институции, како и д-дос напади, а воедно и сајбер криминалот е во пораст. Поради помалиот обем на сајбер напади со кои институциите и компаниите во Македонија се имаат соочено, концептот на сајбер безбедност не е високо на агендата на чинителите во Македонија.
Дури два хакерски напади се случиле за време на последниот попис, откри првиот човек на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски. „Досега имало повеќе напади на веб страницата. Но, имаше втор напад на самиот процес на попишување, но и двата напади се успешно одбиени и не предизвикаа никаква штета”, изјави тој.

Исто така, грчката хакерска група под името „Моќна грчка армија (Powerful Greek Army)”, која годинава упадна во сајтовите на Владата и низа државни институции, на својот Твитер профил уште пред два дена најави дека сите банки кои се лиценцирани од Народната банка ќе бидат наскоро исклучени.

Како резултат на ваквите настани, четворица студенти од ФИНКИ во Скопје – Анастасија Андова, Ангела Јоноска, Дарио Иванов и Ангела Милеска, дојдоа до идеја да направат мало истражување во врска со темата, како дел од активностите на предметот Медиуми и комуникации под менторство на проф. д-р Владимир Трајковиќ.

„Главниот предизвик на нашиот проект е да ја подигнеме свеста и да ја побудиме љубопитноста за различните видови на малициозен софтвер. Воедно, наш предизвик е да ја споделиме и прошириме нашата иницијатива, за во иднина да се намали бројот на потенцијални жртви на сајбер напади. Бидејќи ниското ниво на информираност и свесност за ваквиот проблем се јавува дури и кај најмладите, сметаме дека е од најголема важност нашиот проект да е таргетиран кон деца и тинејџери на возраст од 12 до 19 години.
За таа цел се одлучивме да побараме поддршка од медиум, следен од помлади генерации, преку кој би се раширила нашата иницијатива”, вели Анастасија Андова, која е дел од тимот.

Студентите најпрво спроведоа анкета наменета за деца, тинејџери и возрасни, за да испитаат колку се запознаени со темата „злонамерен софтвер“ (malware), дали биле жртва на, дали користат firеwall за заштита итн. Ова се резултатите:

Извор: Студентите

Извор: Студентите

Извор: Студентите

Резултатите од анкетата покажаа дека 85% од испитаниците се на возраст од 19 до 23, а од нив голем процент многу често или често лично се жртви на сајбер напад. На прв поглед можеби не изгледаат многу, но во споредба со останати податоци, тоа е повеќе од една третина, со што се потврдува дека најмладите генерации се најчести жртви на злонамерен софтвер.

Од направеното истражување студентите заклучија дека кај децата од училишна возраст навистина има недостаток на познавање на тема „злонамерен софтвер“ и многу од нив ги немаат потребните вештини и алатки за справување со сајбер напади од каков било тип. Исто така, тие воочија дека со доволно труд и посветено внимание во училиштата, децата се повеќе од способни сето тоа да го научат за во иднина да има сè помалку случаи на напади.

На прашањето колкаво е нивото на свесност за сајбер безбедност во Мкаедонија во споредба со странските земји и што треба да се направи за да се зголеми, побаравме одговор од Божидар Спировски, инженер за информациска безбедност.

„За жал нема објавено научни истражувања на оваа тема со кои можам да го поткрепам мојот став. Затоа ќе го споделам личниот впечаток – нивото на свесност за сајбер безбедност во Македонија не е драматично различно во однос на странските земји. Генералната свесност за оваа проблематика рангира од потполно непознавање дека постои до инцидентна свесност кога индивидуата или блиски се лично погодени од сајбер напад. Луѓето независно од нивната улога во општеството генерално веруваат дека не вреди тие лично да инвестират напор во сајбер безбедност зашто изгледа дека најдобриот резултат што ќе го добијат од таа инвестиција на напор е дека ништо нема да се случи. Преовладува погледот дека проблемот на сајбер безбедност е исклучива обврска на експерти во областа, но притоа граѓаните ретко прифаќаат дека нивните секојдневни одлуки поврзани со нивниот дигитален живот се основа за зголемување или намалување на сајбер ризикот. Најдобра аналогија на оваа ситуација е медицината – граѓаните не очекуваат да се разболат и ако применуваат превентива најдобар исход е ништо да не се случи, па затоа сметаат дека не вреди нивниот личен напор. Потоа очекуваат лекарите да ги заштитат од болести додека маргинално мал број правилно применуваат превентивни мерки кои реално многу ќе помогнат да бидат заштитени од болести”, смета Спировски.

Во однос на безбедноста на Интернет, Спировски дава неколку препораки, велејќи дека „Интернетот е алатка, не е место за живеење”:

  1. Вашиот пристап до сите сајтови треба да е со силни лозинки (различни за сите сајтови) и со мулти-фактор автентикација – код што се впишува покрај лозинката, а се генерира од мобилен или го добивате по СМС;
  2. Користете компјутер со ажуриран оперативен систем, со ажуриран антивирус и со најнови верзии на прелистувачи (browsersi);
  3. Користете функции за блокирање на следење во прелистувачите како Ublock Origin или Privacy Badger;
  4. Не верувајте на пораки примени на Интернет – посебно ако се неочекувани, бараат итност, предизвикуваат кај вас силни емоции или се премногу добри да бидат вистинити;
  5. Не симнувајте и отворајте фајлови кои ви се пратени без да ги побарате – најчесто се вируси. Не симнувајте апликации кои ветуваат бесплатен пристап до комерцијални услуги – најчесто се измами или вируси;
  6. Не верувајте на информација на Интернет од една вест – потврдете ја информацијата на извори на вести кои имаат висок кредибилитет за соодветната област.

Покрај советите од инженерот за информациска безбедност Спировски, во прилог кратко едукативно видео за тоа што е сајбер криминал и како да се заштитиме од него. Или како што вели Стефане Напо, инженер за информациска безбедност, „довербата во технологијата е добра работа, но контролата е уште подобра“.

 

Авторка: Марина Додевска

Текстот е изработен како завршна задача на мастер часовите за медиуми и новинарство, организирани од Институтот за комуникациски студии и ИРЕКС во рамките на проектот на УСАИД за медиумска писменост „Младите размислуваат“.