Мемоарите на една извидничка
Нема ништо поубаво од тоа кога после долг и напорен ден исполнет со безброј активности, ќе се собереме околу логорскиот оган или во лето, кога сите заедно со часови играме игри или седиме во круг слушајќи музика
Кога размислувам за себе, за тоа која сум и што посакувам да бидам, го доживувам моето срце како музеј од сите скапоцени искуства и доживувања. Огромен дел од тој музеј им припаѓа на моите другари и другарки извидници, како и големата љубов кон извидништвото. Мислам дека од моментот кога влегов низ вратите на малиот извиднички дом пред осум години, знаев дека тоа место ќе ми биде втор дом, а луѓето во него ќе се моето второ семејство. Гледајќи ги старите фотографии, секогаш ми навираат спомени од сите наши кампови полни смеа, љубов, другарство и учење. За овие осум години добив верни пријатели, научив безброј вештини и се збогатив со огромно искуство.
Кога ќе ме прашаат, што правиме ние извидниците, тешко ми е да одговорам. Мислам дека подобро прашање би било што НЕ правиме. Најлесно, а воедно и најточно би било да се каже дека го запознаваме светот. Шетаме низ шуми, јадеме овошје покрај водопади, искачуваме планини. Уживаме во убавините кои ни ги пружа природата. Најголемото разочарување за извидник е кога од оправдани причини не може да оди на камп, бидејќи знае дека ќе пропушти убав провод или пак кога нема да положи некое вештарство.
Нема ништо поубаво од тоа кога после долг и напорен ден исполнет со безброј активности, ќе се собереме околу логорскиот оган или во лето кога сите заедно со часови играме игри или седиме во круг слушајќи музика. Сепак, мене најдраги ми се луѓето извидници кои секојдневно ги запознавам. Секогаш ќе сретнеш некој нов со своја извидничка приказна. Луѓе со кои ќе се зближиш и кои ќе те потсетуваат на убавите кампови.
Со извидништвото имам запознаено луѓе од многу места: од Македонија и Балканот, до Италија и Шпанија, па сè до Тајван и Кореја. Најнереален интернационален настан ми беше Светската извидничка смотра во Јужна Кореја. Летото 2023 година ќе го паметам засекогаш, поради тие две недели поминати далеку од дома. Кампот ми го наполни телефонот со 2.000 фотографии, стомакот со убава храна и душата со бесценети спомени.
Она на кое сум посебно горда и со леснотија можам да го одговорам е: Што ме научив од извидниците? Без никакво двоумење ќе речам – како да бидам подобар човек. На крајот на денот тоа е и нашата цел, глобално. Извидниците се водат по еден цитат од создавачот на ова движење, Роберт Баден Пауел: „Обиди се да го напуштиш светов малку подобар од оној што си го нашол“.
Колумна на Касија Сентиќ Габер, извидник и водач во ПСИО