Активирај се | Создадено од вас |

Младите од Балканот бараат да се градат мостови а не да се креваат огради

feat-img

Дали соживотот на балканските народи е жртва на погрешните политики кои се водат во последните декади. Нашите соговорници со кои разговаравме на оваа тема се согласуваат дека политиката е единственото нешто кое не разделува, и дека политичарите честопати ги користат и злоупотребуваат меѓуетничките односи за одредени партиски интереси и цели.

Професорката од Правниот факултет Јасна Бачовска Недиќ  истакнува дека политичките лидери на Балканот наместо да ја вршат својата примарна задача во унапредување на меѓуетничките односи, тие напротив негативните историски искуства и трауми ги искористуваат во секојдневната политика градејќи ги своите интереси.

Политичките лидери и партии можат многу да помогнат во цивилизациско надминување на траумите од минатото, ама кај нас тука на Балканот, нашите политичари тоа не го прават. Во својот секојдневен политички ангажман треба да ги имплементираат европските вредности, во најмала рака. Потоа да покажат висок степен на општествена одговорност, а не суров политички прагматизам особено изразен за време на избори”, изјави професорката Јасна Бачовска Недиќ од Правниот факултет “Јустинијан Први” во Скопје.

Професорката Љубљана Малај од Факултетот за општествени науки, Универзитет во Тирана анализира: „Има многу предизвици кои се поврзани со историските тензии, конфликти, национализмот, економските разлики, безбедносните грижи, инфраструктурни потешкотии. Справувањето со овие предизвици бара одржлива политичка волја, дипломатски напори, дијалог меѓу земјите, соработка со граѓанското општество и младински размени ”.

И граѓаните кои ги затекнавме во Охрид се согласуваат дека соживот и заедништво на Балканот има, но дека сериозен проблем им прават поделбите кои ги создава политиката.

Кога не би ни се мешала политиката соживотот би бил многу добар. Нема никаква разлика помеѓу Македонци, Албанци, Турци, Роми и Еѓипкани , без никакви проблеми и навреди. Јас како таксист возам секакви луѓе и Македонци и Албанци и Турци и досега без никаков проблем”.

Интервјуираните нагласуваат дека се уморни од политичките поделби и дека е редно време да се насочиме кон позитивните работи кои не поврзуваат и градат културни мостови меѓу луѓето на овие простори.

Соживот има, моите први комшии се македонци, во мојата улица живееме Македонци и Албанци, живееме во мир и убаво”, изјави Себаир жител на Гостивар.

Овој соживот е наследство на денешните генерации од нивните предци за кои и јазичните бариери не претставувале пречка за да можат да се разбираат и да си помагаат меѓусебно иако традиционално зборувале на различни јазици. На ваков став е и валандовчанецот Никола Зафиров кој вели дека постарите луѓе на времето иако не изучувале странски јазици во училиште, сепак многу полесно се разбирале со своите сoграѓани.

Мене ми се чини дека постарите понапред многу повеќе се разбираа едни со други. Мислам соработуваа и беа блиски, комуницираа. Така да можам да кажам нашите постари, мада и ние сме во понапредна доба, знаеа други jазици иако не оделе во училиште и се разбирале комшии со комшии”, ни изјави Никола Зафиров.

Регионот е препознатлив и по балканската кујна која изобилува со најразновидна традиционална храна од бурек, ќебапи, тавче гравче, сарми. Општо на целиот Балкан, скоро и да нема генерација или етникум кој не ужива во традиционалните кафе и чај. 

Следно по што се препознатливи народите на Балканот е промовираната култура на топли и гостопримливи домаќини па така речиси и да нема странец кој ги посетил овие простори, а да не бил топло примен и послужен со традиционална храна и пијалок. Балканците негуваат голема љубов кон народните танци и музика а како центар за испреплетеност на тие различни култури, религии и традиции сведочат многуте чаршии како потсетници на историското наследство на балканските земји.

Доследни на своето минато и традиција и денешните генерации активно продолжуваат на зајакнување на меѓусебните вмрежувања, соработка и пријателство, но тие и натаму се повеќе резултат на индивидуални иницијативи отколку на организирани активности.

Не носат од школо , некогаш од сите националности, во друга држава каде се дружиме со други ученици од таму, комуницираме меѓу себе и дискутираме на различни прашања”, ни изјави младата средношколка Еда Јашар која додава дека потребни се уште повеќе проекти, културни настани за поврзаувње и вмрежување  на младите од Македонија и регионот. Како оваа соработка и комуникација меѓу првите соседи може да се интензивира.

Политичките прашања можат да влијаат на младите на различен начин. Богато образование, ефективен дијалог и иницијативи што ги прават младите се најдобриот начин за создавање мир во регионот.” изјави професорката Љубљана Малај.

На ова се надоврзува и професорката Јасна Бачовска Недиќ која изјави дека:

Меѓуетничките тензии треба да ги решаваме итно. Треба тоа да го правиме на најширока општествена основа – преку медиуми, образование, економија, култура, невладин сектор и конструктивна политика поточно политичка волја. Најдобар начин е да ги следиме позитивните политики од другите региони кои успешно ги надминале своите историски трауми. На пример Скандинавија. Членството во ЕУ би ги забрзало процесите. Но, да дојдеме до тоа треба свест и работа. ”

Заедничка порака на сите граѓани е дека ни требаат културни мостови, а не поделби!

Автори:

Даниел Шикоски

Даниела Алексоска

Анџела Брахја

Аделина Шима