Активирај се | Создадено од вас |

Младите си го ризикуваат здравјето за фит тело копирано од Инстаграм

feat-img

Сите сакаме да изгледаме здраво и убаво. Здрава храна, тренинзи и разни шејкови користиме секој ден за побрзо да стигнеме до посакуваниот резултат. Понесени од целта да изгледаме убаво, во последните години се повеќе млади луѓе, посебно средношколците, посетуваат фитнес центри и користат разни суплименти. Но, колку ова е здраво? Дали младите се подложни на лошите ефекти од суплементите што ги користат и дали внимаваат на своите физички предиспозиции или се форсираат кога одат во теретаните за вежбање.

Младата Леона од Скопје ни го раскажа своето искуство. Таа ни кажа дека цела година се обидува да ја поправи штетата предизвикана од напорното тренирање, а се започнало кога на Инстаграм почнала да следи неколку девојки кои постирале слики по нивните напорни тренинзи.

,Гледав на Инстаграм како девојки вежбаат во теретана, колку тешки тегови креваат, колку биле силни и мислев дека е инспиративно. Затоа и јас, на таа возраст (15-16 години), мислев дека ќе постигнам исти резултати: ќе изгледам и ќе се чувствувам како нив. Но, социјалните медиуми не се ни блиску до вистината. Наместо да се стекнам со таков „фит“ изглед, поради невнимателно вежбање, се стекнав со физички повреди. Поради големата количина на тежина што ја кревав, како и упорноста да „бидам силна“, ги преоптоварив зглобовите, особено колената. На крај, наместо да изгледам како инфлуесерките, бев по лекари и сè уште ја поправам штетата што ја предизвикав на моето тело“, ни изјава Леона.

Од каде доаѓа таа опседнатост со убаво тело, посебно кај младите? Сето тоа  е поттикнато од социјалните мрежи кои наметнуваат лажни норми и фотошопирани пропорции за тоа како треба да изгледаат младите на таа возраст. Токму во тинејџерските години телото на младите расте и се обликува и секое нагло пореметување на исхраната и физички напор можат негативно да влијаат врз здравјето и правилниот раст на младите.

Во текот на тинејџерските години, децата имаат зголемената работа на нивните хормони, па можеби и не е страшно доколку телото, па и килограмите да варираат. Дете кое е во развој треба да јаде сè и да внесува протеини и минерали доволно за да не настанат други здравствени проблеми.

На оваа тема разговаравме со фитнес инструкторката Наде Василевска која веќе подолго време ја има програмата „Фитнес мастермајнд“ (Fitness Mastermind). Василевска вели дека сосема е погрешен пристапот да се стави изгледот пред здравјето, зашто последиците можат да бидат многукратни.

„Според она што јас го работам и секојдневната комуникација со млади луѓе, целта им е пред сè изгледот затоа што не се обрнува внимание на здравјето сè додека не настане одреден проблем. Многу често имам клиенти кои пред да соработуваат со мене биле кај лица кои се претставуваат како тренери или нутриционисти. Штетата е голема затоа што настануваат сериозни здравствени проблеми од нездрав и ригорозен пристап што не е персонализиран. Некои од проблемите се нарушен метаболизам, слаба крвна слика, нарушена функција на тиродината жлезда, опаѓање на косата, проблеми со желудник и дигестивен тракт и секако психолошкиот момент како фрустрација, депресија, незадоволство и стрес од тешкиот процес“, вели Василевска.

Таа сметка дека користењето на суплементи за побрз напредок и резултати е погрешен пристап.

„Достапни се и секој може да ги набави, но нивната примена не е едноставна затоа што прво мора да се обрне внимание на подолг тренажен процес, балансирана исхрана, квалитетен сон, а потоа да се вметнат и суплементите на здрав и безбеден начин. И секако да се направи крвна слика и испитувања пред да се почне со било што од наведеното“, предупредува фитнес инструкторката.

Василевска порачува дека не постои „хакирање“ на системот што ќе помогне да се намали поткожното масно ткиво на здрав и безбеден начин освен со тренинк, исхрана и активност.

„Индустријата за производство на чаеви, шејкови и детокс препарати расте и се зголемува, а се поголем е бројот на дебели и нездрави луѓе. Тоа е доволно да се знае дека не функционираат. Најчесто се купувани од лица кои се мрзливи и не сакаат да работат на себе, добриот маркетиншки трик е инстант резултат кој е тотално нездрав и на крај се уверуваат, а штетата е веќе направена“, вели Василевска.

Дали се сеќавате на диетата на Ким Кардашијан, која беше многу популарна и на крај излезе дека не само што беше штетна туку и според нутриционистите килограмите кои се симнуваа за кратко време се враќаа двојно повеќе. Ова беше само еден пример кој покажува како младите лесно можат да бидат изманипулирани.

Но, освен инфлуенсерите, и други лица од опкружувањето имаат влијание врз односот на младите кон килограмите. Меѓу нив се професорите во училиштата, посебно по Физичко образование кои вршат притисок и создаваат комплекси кај младите. Потоа  родителите кои секогаш имаат нешто да кажат во врска со храната на децата, па подготвуваат разни супи, чорби, забрануваат слатки и сл. И покрај нивната желба да помогнат, тие всушност уште повеќе ја поттикнуваат опседнатоста со физичкиот изглед.

Младите треба да сфатат дека до која било цел не се стигнува преку ноќ и за сè е потребно време. Затоа нашата прва порака ќе биде: Сакајте се и ценете се себеси. Ако сепак одлучите да го менувате  вашето тело, запомнете дека најважно е да постигнете баланс меѓу храната и физичките активности, а здравјето да ви биде на прво место.  Движите кон вашата цел придружени од професионалци кои знаат што е најдобро за вас, а не од измамници кои ги сакаат само вашите пари. И запомнете, патот до целта е исто толку важен колку и самата цел.

Автори: Софија Бислимоски, Лука Белиќ, Јулија Еврушевска, Лилјана Ристова

Текстот претставува финална задача изработена на Мастер часовите за медиуми и новинарство на Институтот за комуникациски студии и ИРЕКС во рамките на УСАИД проектот за медиумска писменост „Младите размислуваат“.