Ученици од Битола со хакери од САД и Шведска учествуваа на „Music Tech Fest“
Во Битола за првпат месецов се одржа фестивалот „Music Tech Fest“. Станува збор за фестивал посветен на иновации во кој учествуваат хакери, иноватори, старт-ап инкубатори, претприемачи, како и музички ентузијасти од целиот свет. На настанот се развиваат нови софтверски и технолошки идеи, концепти и продукти и се планира нивна понатамошна имплементација во различни сфери како музика, забава, индустрија, социјално претприемништво итн.
Фестивалот во Битола беше пандан на ист ваков во Стокхлом, Шведска, а двајца средношколци од битолската гимназија „Јосип Броз Тито“, Андреј Антуновиќ и Андреј Мицков, беа меѓу учесниците. Тие заедно со хакери од САД и Шведска беа дел од таканаречен „Хакатон“ кој работеше на темата „Geographically Challenged Creativity – Remote Development Challenge“ односно соработка која совладува географски граници.
Во развојот на нивниот проект „TuneIn“, учествуваа уште еден тим и старт-ап компанија, со цел да ја развијат идејата понатаму и да му дадат можна иднина како производ сочинет од јавни инсталации ширум светот. Целта на проектот е луѓето од различни земји да можат да компонираат музика заедно. Тимот победи благодарение на иновативната идеа, како и нејзината успешна реализација без разлика на бариерата која ја претставуваше физичката раздалеченост.
Фестивалот „Music Tech Fest“ првпат се одржа во Лондон во 2012 година. До оваа година, настанот се одржуваше исклучиво на една локација, а Битола влезе во историјата на фестивалот бидејќи успеаа да одговорат на предизвикот и покрај тоа што учесниците беа од повеќе локации.
Инаку, на 8 и 9 септември се организираше паралелен настан „Music Tech Fest Macedonia“, што резултираше со победнички тим и признание од организаторите на Music Tech Fest- Стохолм.
Настанот во Битола го поддржа и Фондот за иновации и технолошки развој од каде одржаа разни презентации, меѓу кои и за инвестиции во иновативни претпријатија.
Андреј Антуновиќ, СОУ Гимназија „Јосип Броз Тито“ Битола