Активирај се | Создадено од вас |

#МетиСиСоКласнето: Наградата носи одговорност

feat-img

Дописникот на „Медиум“ од Битола, Станиша Станковиќ ни ја претставува Марија Магдалена Петковска Микаровска, професорката по англиски јазик во ОСМУ „Д-р Јован Калаузи“ која со своите ученици, пријатели и волонтери ги започна големите акции за почиста животна средина. #МетиСиСоКласнето ја поддржуваа(т) сѐ повеќе граѓани чиј број расте на секој нареден настан во обид да му дадат нов, свеж и чист лик на градот. Но, најбитно е што „Класнето“ ја подигна свеста за почиста животна средина. Оттука и причината за наградата Волонтерско признание што ѝ ја врачи Советот на Општина Битола 2019.

Медиум: Што беше причината да направите промена во вашите животи, но и за луѓето околу вас. Како Вие и учениците ја почнавте големата акција за заштита на животната средина?

Марија Магдалена Петковска Микаровска: Почнавме со личен пример. Наместо постојано да се жалиме, ние засукавме ракави, се фативме со работа и гледаме дека вроди со плод. Причината беше цело ѓубре околу нас што ни боде очи и покажува колку е ниска нашата свест. Ако не го почитуваме просторот околу нас, тоа кажува многу за нас. Ако се грижиме за истиот, тоа пак кажува многу за нас. И кога требаше да избираме меѓу првите или вторите, се разбира ги избравме вторите. Ние сме во шок како грмушките се корпи за ѓубре, како парното е за полнење со секакви ќеси или знакот за забрането пушење е покана да се пуши под него и плус да се фрла отпушокот. Сето тоа кажува за еден екстремно примитивен код на човек.

Nagradata sega nosi uste pogolema odgovornost 1

#МетиСиСоКласнето со акција на магистралниот пат Битола – Охрид на 17.11.2019г.

Медиум: Знаевте дека ќе бидете изложени на секаков вид коментари од општеството. Имаше ли моменти кога бевте на работ да се откажете? Дали поради силната поддршка од луѓето, ги занемеривте тие критики, Ви даде поттик за идни акции?

Марија Магдалена Петковска Микаровска: Јас имам повеќе златни животни правила, а едно од нив е дека не ме интересира никаква критика без аргументиран, конструктивен одговор и предлог како тоа што не му одговара некому, да го направам подобро. Такви конструктивни критики од срце прифаќам, сакам и поттикнувам. Тие ме прават подобар професионалец и личност во целост. Сѐ друго, злонамерно кажано комплетно ги игнорирам. А, моментот за откажување – не, никогаш не постоел. Јас кога имам кауза, таа ми е двигател во секојдневието. Сонувам за чиста и зелена држава и никој не може да ме спречи да работам со љубов за да го дадам мојот удел во истото. А, за поддршката, секако дека е поттик, посебно кога гледам дека многу ученици тргнаа по патот да дадат свој придонес за поубав простор околу нас. Почна да им пречи ѓубрето.

Nagradata sega nosi uste pogolema odgovornost 2

#МетиСиСоКласнето со најуспешната и најбројната акција кај Правниот Факултет во Битола на 13.04.2018г.

Медиум: Каков беше резулатот од првите активности, настани, а каков е сега? Вашите акции под името #МетиСиСоКласнето се познати, јавноста е информирана за секоја идна локација. Секојдневно ви стигаат пофалби, слики, видеа, приказни, интервјуа, реклами. Како се справувате со сето ова?

Марија Магдалена Петковска Микаровска: Во секој случај ова не е само мое дело. Ова е дело на кое нѐ поттикна актерката Ирена Ристиќ пред сѐ со нејзината прекрасна намера и на сите мои ученици кои несебично се даваат да ја подигнат свеста и на многу постари од нив. Ова е дело на една голема заложба и истрајност, посветеност и визија за убавина околу нас. За пофалбите – ќе излажам ако речам дека не ни значат. Но, ни наметнуваат поголема одговорност да бидеме уште подобри од претходно, да мотивираме, инспирираме и даваме сѐ од себе во секоја понатамошна акција. А, за резултатите, самите дела зборуваат.

Медиум: Советот во Општина Битола ви додели признание. Како Вие и сите соработници се чувствувате бидејќи сега и официјално сте докажан волонтер? Да очекуваме ли нови акции или сл.

Nagradata sega nosi uste pogolema odgovornost 1

#МетиСиСоКласнето на значаен настан пред почетокот на учебната година во ОСМУ “Д-р Јован Калаузи” – Битола на 26.08.2019г.

Марија Магдалена Петковска Микаровска: Признанието од една страна е голема гордост за секој од нас, а од друга поттик и одговорност за сѐ што доаѓа. Се разбира дека ќе има акции, би била среќна да дојде денот секој од нас да е освестен и да нема потреба од истите, па да се фокусираме на нешто друго. Дотогаш – да, ќе имаме акции и ќе работиме на свеста на младите колку што може на повеќе различни начини. Следен проект ни е Изборот на скулптура од ѓубре на која што се пријавија повеќе од 350 учници кои ќе изработуваат скулптури. Тоа го правиме во соработка со „Божиновски часовници“ и се случува на денот кога ќе биде празничниот џез концерт во Битола, па ќе биде една комбинација од два различни видови на бајки.

Медиум: Што им порачувате на младите, кои се Вашите совети за да придонесат за подобро општество. Како од себеси да направат личност со несекојдневни епитети?

Марија Магдалена Петковска Микаровска: Работа на себе, искреност кон себе, а под тоа подразбирам свесност за тоа што поседуваме, колкав капацитет имаме, на што треба да поработиме за да станеме поголеми професионалци и луѓе. Емпатија и чувствителност кон човечкиот род, помала суета и пронаоѓање на својот животен повик. Гледам многу луѓе кои никогаш не го пронашле својот животен повик и талкаат во животот.Тоа вродува со гнев. Гневот кој не го трансформираат во своја лична промена и користење на својот потенцијал, го пренаменуваат кон плукање по луѓе, невнимание на просторот околу нив, замерки за сѐ, а притоа не се позитивен пример за никого. Моите ученици ги учам да знаат вистински да си ги носат на себе своите маани и доблести, бидејќи тие го прават уникатното совршенство од секој од нас.

Автор: Станиша Станковиш, ученик во ОСМУ „Д-р Јован Калаузи“ Битола