Активирај се | Создадено од вас |

НАТО со врзани раце во „борба“ против Русија

feat-img

Во состојба кога Украина очекува поголема поддршка од НАТО, ветото на Турција е само доказ за разединетоста во рамките на Алијансата. Заедно со Хрватска, покажуваат незрелост за да бидат дел од евро-атлантското семејство.

„Ветото на Турција претставува еден вид на пркос кон САД и големите европски држави. Таквиот пркос го намалува рејтингот на НАТО, но и отвора прашање за влијанието на САД и големите европски држави на светската политичка сцена. Нема никаква дилема дека ветото на Турција ќе претставува мотивација за руските воени единици, а деморализирање на украинските воени единици. Во состојба кога Украина очекува поголема поддршка од НАТО, ветото на Турција претставува сигнал за разединетост во рамките на НАТО. Таквата разединетост оди во корист на Русија“, вели доц. д-р Марко Кртолица од Правниот факултет.

Шпекулациите кои со месеци кружеа во политичката јавност за наводното проширување на НАТО Алијансата се потврдија откако владите на Шведска и Финска и официјално ги предадоа апликациите за членство на 18-ти мај. Во услови на криза, Алијансата очекува единство и сплотеност на членките. Ердоган и Милановиќ најавуваат вето на самитот во Мадрид. Иако речиси сите држави-членки ја поддржаа политиката на отворени врати на Алијансата и ги поздравија одлуките на двете држави, официјална Анкара се противи на приемот на нордиските држави. Што се крие зад ова?

„Шведска е инкубациски центар за терористички организации… како да им веруваме?“, изјави турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган. Тој ги обвинува двете држави за наводна поддршка на терористичките организации кои дејствуваат против суверенитетот и сигурноста на Турција, како и одбивање од страна на шведските власти за екстрадиција на припадниците на забранетата Курдска работничка партија (ПКК).

Не требаше долго за турските медиуми да застанат зад изјавите на претседателот кои ги поткрепуваа со прилози во кои се објаснува зошто всушност Анкара поставува вето. Во прилозите се зборува за вмешаноста и контактите на двете држави со Курдската работничка партија – ПКК, курдската милиција – ЈПГ во Сирија, како и со следбениците на Фетула Ѓулен, кој се наоѓа во егзил во САД и кој е главна мета на обвинување за натсаните поврзани со државниот удар во 2016 година.

Турската опозиција обвини за внатреполитичко поентирање од страна на претседателот. Турција е во многу сериозна економска криза и се соочува со најголемата инфлација во последните децении. Како резултат на тоа, рејтингот на Ердоган помеѓу население е во огромен пад. Нападите кон западот и скандинавските држави секогаш се добро прифатени од национал-исламистичката клиентела која е од голема важност за настаните во следната година, кога се одржуваат и претседателските, но и парламентарните избори.

Загреб во улога на Анкара

Во Хрватска не запираат препукувањата на релација Влада – Претседател. Додека владата на чело со премиерот Пленковиќ отворено ја поддржува интеграцијата на скандинавските земји, претседателот Милановиќ категорично најавува вето на НАТО самитот во Мадрид.

„Јас како претседател на државата, на самитот во НАТО ќе ставам вето на повикот на Алијансата. Не сум сигурен дека ќе можам да го натерам хрватскиот амбасадор да го заземе мојот став“, изјави Милановиќ. Тој уште и додаде дека војната во Украина не е толку „жешка тема“ за Хрватска споредбено со големиот политички приоритет кои тие го имаат во моментот, односно да се осигурат правата на Хрватите во Босна и Херцеговина.

Владата контра Милановиќ. Премиерот Пленковиќ го обвинува дека политичките инструкции ги добива од палатата во Кремљ и дека застапува проруски ставови кои ѝ носат голема штета на Хрватска на меѓународен план. „За разлика од него, ние имаме рационална политика која во обѕир ги има интересите и репутацијата на Република Хрватска како земја која макотрпно ја гради својата меѓународна репутација“, изјави Пленковиќ.

Хрватска низ оваа воена криза покажа дека воопшто не е зрела да биде дел од НАТО и ЕУ. Константниот конфликт меѓу претседателот и премиерот на Републиката околу хрватската позиции за руско-украинската војна во состојба кога ваквата војна беснее, е сосема несоодветна за држава членка на НАТО и ЕУ“, додаде Кртолица.

Министрите на „класен час“ во Берлин

На 14-ти и 15-ти мај во Берлин се одржа неформален НАТО министерски состанок. На состанокот присуствуваа министрите за надворешни работи на државите-членки, а домаќин на состанокот беше шефот на германската дипломатија Аналена Бербок.

Во фокусот на состанокот беа актуелните настани по инвазијата на Русија, како и можните импликации и идното проширување на Алијансата. Се зборуваше и за претстојниот Самит во Мадрид, како и за очекуваните резултати од него. Во рамките на состанокот учество зедоа и шефовите на шведската и финската дипломатија кои ги информираа сојузниците за најновиот развој на настаните во нивните држави, како и за опасноста со која тие се соочуваат.

„Северна Македонија, како најнова членка на Алијансата, силно ја поддржува политиката на отворени врати, а со тоа и аспирацијата на Шведска и Финска за членство во НАТО, што претставува важен чекор за севкупната евроатлантска безбедност“, изјави шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи на прес-конференцијата по завршувањето на состанокот.

Турција ги мотивира руските воени единици

Д-р Марко Кртолица е доцент на Правниот факултет „Јустинијан Први“ и голем познавач на геополитичката сцена. Во краткиот разговор за нас, тој даде лично видување на моменталните настани во дипломатијата и како тие ќе се одразат врз рејтингот на Алијансата.

Извор: akademk.mk

Ѓорѓи Хаџи Василев: Што значи ветото на Турција за европската геополитичка сцена?

Д-р Марко Кртолица: Ветото на Турција претставува голем удар за државите членки на НАТО. Ветото особено претставува силен удар за САД, но и за дипломатијата на големите европски држави. Првенствено, ветото говори дека во рамките на НАТО постои разединетост и различен пристап кон идниот развој на оваа воена алијанса. Дополнително, ветото на Турција претставува еден вид на пркос кон САД и големите европски држави. Таквиот пркос го намалува рејтингот на НАТО, но и отвора прашање за влијанието на САД и големите европски држави на светската политичка сцена.

Ѓорѓи Хаџи Василев: Каков импакт ќе има ветото врз моменталните случувања во Украина?

Д-р Марко Кртолица: Нема никаква дилема дека ветото на Турција ќе претставува мотивација за руските воени единици, а деморализирање на украинските воени единици. Во состојба кога Украина очекува поголема поддршка од НАТО, ветото на Турција претставува сигнал за разединетост во рамките на НАТО. Таквата разединетост оди во корист на Русија. Ветото на Турција го наметнува прашањето како НАТО би одлучил поинтензивно да ѝ помогне на Украина кога во рамки на воената алијанса нема единство за прием на Шведска и Финска. Доколку за вакво прашање не постои консензус во рамки на НАТО, тогаш сосема очекувано е дека во рамки на оваа алијанса, исто така, не постои единство ниту кон прашањето за војната во Украина.

Ѓорѓи Хаџи Василев: Дали Хрватска е дипломатски зрела да се спротивстави на желбите на Алијансата која алудира на експресен влез на двете држави?

Д-р Марко Кртолица: Хрватска низ оваа воена криза покажа дека воопшто не е зрела да биде дел од НАТО и ЕУ. Константниот конфликт меѓу претседателот и премиерот на Републиката околу хрватската позиции за руско-украинската војна во состојба кога ваквата војна беснее е сосема несоодветна за држава членка на НАТО и ЕУ. Дополнително, податокот дека дрон со бомба навлезе и помина низ воздушен простор на неколку држави членки на НАТО и на крајот се сруши на хрватска територија, говори дека Хрватска покрај тоа што не е зрела, воедно не е подготвена за членството во НАТО.

Ѓорѓи Хаџи Василев: Каков е ставот на македонската дипломатија во врска со процесот на интеграции на веќе споменатите држави?

Д-р Марко Кртолица: Македонската дипломатија е на линија со дипломатиите на клучните членки во НАТО. Без никаква дилема македонската дипломатија ги следи чекорите на САД и големите европски држави во поглед на санкциите кон Русија, но и кон членството на Шведска и Финска. Тоа е сосема логично доколку се погледне пристапот на македонската дипломатија кон членството во НАТО и ЕУ, како и податокот дека геостратешки Македонија, за разлика од Турција, не е во состојба да пркоси кон големите сили во рамки на НАТО.

НАТО Алијансата е формирана во 1949 година како одговор на потенцијалните закани од Советскиот Сојуз. Шведска и Финска уште тогаш се држеа настрана од зафаќање на страна од желба да избегнат непотребни провокации кон Москва. Финска дели околу 1,300 километри граница со Руската Федерација, еднаш веќе била владеана од СССР и има војувано против Советскиот Сојуз за време на Втората светска војна, позната како “Зимска војна“. Шведска, од друга страна, гордо држеше воена неутралност уште од 19-ти век и активно заговара за нуклеарно разоружување на големите сили и често се става во улога на медијатор во неколку меѓународни конфликти.

Јавното мислење во врска со прекинување на воената неутралност и во двете држави е драстично променето по руската инвазија во Украина.

 

Автор: Ѓорѓи Хаџи-Василев

Текстот е изработен како завршна задача на мастер часовите за медиуми и новинарство, организирани од Институтот за комуникациски студии и ИРЕКС во рамките на проектот на УСАИД за медиумска писменост „Младите размислуваат“.