Негувајте ги слободната мисла и говорот
Медиум: Има ли разлика меѓу денешните и средношколците пред 10 години?
Огнен: Други беа времињата кога бев средношколец пред десет години во гимназијата „Мирче Ацев“ во Прилеп, на отсекот странски јазици и компаративна книжевност. Можеби не беа толку различни самите по себе, колку поради поедноставниот начин на живеење. Мобилните не беа во подем, друштвените мрежи не постоеја, освен MySpace. За да се истакнеш меѓу врсниците требаше да бидеш подобар од другите во нешто, правејќи го тоа успешно. Јас бев вклучен во прилепскиот театар и во локалната телевизија, во рецитацијата, дебатниот клуб, но и во средношколскиот весник „ГИМ“. Се дружевме на поинаков начин, бевме поблиски, подруштвени. Се сметавме за посебни, веројатно како и сите генерации, но ние вистина бевме посебни зашто сме „Чернобил-генерација“, родени по хаваријата во Чернобил. Денес истакнувањето се изразува преку присутноста и популарноста на друштвените мрежи.
Откако се преселив во Скопје како студент, преку проект на Клубот на оратори „Forum Oratores“, предавав Реторика и јавно говорење во неколку скопски средни училишта. Секојпат бев изненаден кога ќе видев преполна училница со средношколци – желни за знаење како правилно да се изразат, како правилно да ја пренесат својата мисла во јавноста. Многу сум горд што дел од тие ученици, денес ми се колеги во телевизијата „24 Вести“, некои во други медиуми, некои се предводници на ораторскиот занает на Правниот факултет, а некои се членови на Студентскиот пленум.
Мислата е особено важна. Слободата на говорот е столб на здраво демократско општество, која мора да се негува уште од училишните клупи. И тоа мора да им биде императив на образовниот кадар, на родителите, на граѓаните, а пред сè, да им биде всадено на младите дека е особено важно да мислат слободно.
А. Т.