Невидливите очи: Откривање на темната страна на шпионирањето на социјалните мрежи
Дали некогаш ви се појавила реклама на интернет во моментот кога сте спомнале одреден производ или бренд? И ако сте, дали застанавте и се запрашавте дали нè шпионираат нашите мобилни телефони, виртуелни асистенти и паметни уреди? Социјалните медиуми се клучен состав од нашето секојдневие, впрочем најголем дел од времето го поминуваме поврзани на интернет.
Секојдневно на интернет се споделуваат еден куп лични податоци кои одат во прилог за социјалните мрежи. Овие податоци се складираат во големи бази и со нивна помош се градат еден куп платформи со кои големината на интернетот сѐ повеќе расте. Дополнително компаниите кои ги „произведуваат“ социјалните мрежи влијаат врз однесувањето на младата популација со „производство“ на трендови. На ваков начин се збогатува алгоритамот на истите со што дополнително се оддаваат податоци за кои не сме свесни. Со секое ново пребарување ние ги „храниме“ социјалните мрежи за да можат подобро да не запознаат и да се прилагодуваат на нашите потреби и барања, најмногу преку промовирање на маркетинг услуги или готови производи од кои остваруваат профит.
- Дали ваквиот начин на функционирање допринесува позитивно?
Пристапноста до повеќе и подиректни информации го олеснува нашето секојдневие. Колку полесно доаѓаме до посакуваните производи или услуги толку имаме подобро и попродуктивно користење на нашето време. Интересно е тоа дека од ден на ден „корисничкото искуство“ станува пореално и самите корисници повеќе уживаат во истото.
Од друга страна, пак целиот тој призор изгледа малку застрашувачки со самата помисла дека нашите паметни уреди се постојано активни со што ги користат ресурсите како камера и микрофон за да видат или слушнат за сè она што се случува околу нас. На пример доколку зборувате за тоа колку често имате проблем со алергии, вашиот паметен телефон, би ви покажал реклами за производи или друг вид на активности поврзани со таа тематика, со што сè во ова се случува несвесно, дури во некои случаи и како доста интересен призор.
Кога би ги собрале сите информации сметам дека ваквиот начин на функционирање не е потребен, некогаш дури и штетен затоа што веќе навлегуваме во прекршување на правото на приватност, со што не можеме целосно да бидеме сигурни кога електронските уреди се активни и колку воопшто сме заштитени од тој аспект. Но новиот начин на живот носи и нови предизвици за кои допрва треба да наоѓаме современи решенија.
Автор: Михаил Ангелески, ученик во СОУ „Ѓорче Петров“ – Прилеп