Патување со ЈСП – пат со неизвесен почеток и крај
Граѓаните секое утро излегуваат порано од планираното – не знаат каде ќе заглават со автобусите на ЈСП и дали воопшто ќе се качат во автобус што е најавен на официјалната апликација и веб-страница. Ситуацијата не е подобра ни во текот на денот, веќе нема правила кога автобусите ќе бидат преполни. Причината е нередовноста и малиот број на автобуси и автобуски линии. Останува проблемот кој се чини со години никој не може или пак не сака да го реши. Одговара ли некому оваа ситуација? Профитира ли некој од нервозата и стресот на граѓаните?
Нашата екипа излезе на терен да види што се случува на автобуските постојки и да ги праша граѓаните како се задоволни од јавниот превоз во Скопје.
- „Линии има, но автобусите ги нема“, ни изјави една граѓанка на Скопје.
- „Не сме сите способни да имаме автомобили и да возиме од одредени причини“, изјави друга граѓанка.
Секоја помисла дека работите можат да се поправат и да тргнат кон подобро пропаѓа кога граѓаните ќе застанат на постојка. Кога ќе погледнат во електронските табли кои го покажуваат времето на пристигнување на автобусот на постојката – тие или се расипани, или пак покажуваат неточно време. Апликацијата од друга страна е приказна за себе –комплетно несинхронизирана со информациите на електронските табли. Сепак се чини дека никому не му дошло на ум да го реши ова.
ФОТО: Расипани електронски табли
Молк од Град Скопје
Се обидовме да ги исконтактираме Град Скопје и надлежните од ЈСП, но не добивме одговор. Единствени што се согласија да ни дадат одговор на прашањата беа од Независниот синдикат на возачи – ЈСП Скопје.
Во разговор со нив дознаваме дека една од причините за неточните времиња прикажани на апликацијата и на веб-страницата е тоа што инженерите кои го мерат времетраењето на линиите обично не се од Скопје. Тие не излегле на терен за да ја проверат реалната состојба низ улиците на градот. Последните 10 до 20 години никој не ги проверил локациите на постојките и на семафорите и дали сѐ уште ги има истите или се додадени нови.
Ако погледнеме преку овој проблем, ќе наидеме на еден друг и доста посериозен – малиот број на автобуси што циркулираат низ градот. Се чини дека низ годините ништо не се сменило. Од изјавата на град Скопје во 2022 г. увидовме дека тогаш биле воведени 2 нови линии – 50А и 29. Mеѓутоа тие веќе не сообраќаат, како што утврдивме од веб-страницата на ЈСП. Нема податоци за тоа кога се укинати.
Од вработен во Независниот синдикат на возачи ЈСП Скопје дознаваме дека нема намален број на линии, но нема ниту нови. Се стои во статус кво – не мрда од мртва точка.
„По избори, обично по желба на граѓаните се воведува некоја нова линија, но ние не можеме да го издржиме тоа, па по месец-два таа се укинува. Скопје нема капацитет да издржи повеќе линии пуштени во оптек“, изјави нашиот извор.
Официјалната статистика не е репер за стратегијата на ЈСП
Можеби бројот на линии и автобуси од пред 10 години можел да ги задоволи потребите на граѓаните на главниот град во тоа време, но Скопје во последните 10 години се прошири во голем размер. Доколку го погледнеме инфографиконот подолу, можеме да воочиме дека разликата во жители во 2002 и 2021 не е голема, но тоа се должи на фактот дека голем дел од граѓаните не се заведени како граѓани на Скопје, иако живеат и работат или студираат овде.
Мерки за популизам без ефект
Вторник и петок се деновите кога пензионерите се возат бесплатно со ЈСП. Ова звучи како добра мерка на Град Скопје и јавниот превоз, но напливот на пензионери и истиот број на автобуси во вторник и петок не кореспондираат. Граѓаните коментираат дека остануваат да чекаат на постојки затоа што автобусите се веќе преполни, посебно линиите кои возат до скопскиот Зелен пазар во Центар.
ФОТО: Автобуси на ЈСП на автобуска постојка
Друга мерка на Град Скопје која се воведува во текот на есенскиот и зимскиот период е бесплатен превоз поради аерозагадувањето во градот. Но, кога прашавме дали во деновите кога се вовела мерката има поголем број на автобуси, нашиот говорник од Независниот синдикат на возачи ЈСП Скопје одговара дека останува ист број на автобуси како и вообичаено. Ова фрла сомнеж дека мерката не дава никаков резултат, затоа што граѓаните кои обично користат автомобил не можат да ги остават бидејќи автобусите немаат капацитет ниту за граѓаните кои редовно се превезуваат со јавниот транспорт.
ЈСП несериозно ниту кон вработените
Од друга страна, расте и незадоволството кај возачите на автобусите. Тие се жалат на нередовните и ниски примања, доцнењето со исплаќање на К-15, непроменетите плати со години, некоординираниот однос на Град Скопје и менаџерскиот тим на ЈСП. Ова резултираше со целосен застој на автобусите дури трипати во последната година и половина. Нашиот извор вели дека на 22 октомври 2022 г. за првпат во последните 85 години, автобусите на ЈСП не ги напуштиле гаражите рано изутрината. Оттогаш истото се случило уште двапати, што покажува дека работите не се менуваат на подобро, па голем број на возачите на ЈСП бараат подобар живот надвор од Македонија.
Автори: Симона Гелова, Андријана Ќосе, Стефани Стевановска, Михаил Чавлески
Текстот претставува финална задача изработена на Мастер часовите за медиуми и новинарство на Институтот за комуникациски студии и ИРЕКС во рамките на УСАИД проектот за медиумска писменост „Младите размислуваат“.