Активирај се | Создадено од вас |

„Подобро да беше мртва, никој не те сака“

feat-img

„Прво почнаа да ме задеваат дека сум била премногу слаба и бледа. Ме прашуваа: Дали дома те хранат? Да не си болна? Како стакло си проѕирна, одвратна си! Подобро да беше мртва, никој не те сака!“, ни ја раскажа својата приказна 13–годишната М.С. од Скопје. Низ ходниците на основното училиште „Лазо Трпковски“, тивките врисоци на ова девојче се погласни од смеата на нејзините врсници. Таа деновите во училиште ги минува како жртва на врсничко насилство. Насилството започнало на нејзина 9–годишна возраст, најпрво како вербално задевање, за подоцна да прерасне во физичко насилство.

„Имавме физичко, јас многу сакам да играм одбојка. Едно девојче што е во истото одделение со мене ја зема топката и намерно ме удри во стомак. На еден голем одмор друго дете ме удираше по глава со полно шише вода“, со треперење во гласот ни раскажува М.С.

Секојдневното доживување на булинг и неприфаќање од страна на врсниците има големо влијание врз менталното здравје на жртвата. Иако најблиските ја знаат како весело девојче чија страст е одбојката, денес тоа девојче е вознемирено, повлечено, а страста кон одбојката е потисната од стравот дека ако оди на тренинзи ќе се случи нешто лошо.

„Никогаш не мислев дека нешто вакво ќе претрпува токму моето дете. Секој ден ја гледам како станува и се подготвува за да оди во училиште, без никаква желба и со солзи во очите. Срцето ми се кине кога ја гледам ваква. Преземаме мерки, колку што можеме. Се бориме и ќе се бориме до крај. Не можам да сфатам како толку мали деца се способни да предизвикаат толкава несреќа во туѓ живот”, вели загрижената мајка на М.С.

Општеството не посветува доволно внимание

Врсничкото насилство или булинг е проблем на кој нашето општество не посветува доволно внимание. Проблем за кој ретко се зборува, многу се знае, а малку се презема за негово решавање. Врсничкото насилство е само последица за тоа како некој се чувствува, а најголемите проблеми произлегуваат од семејството. Децата најчесто преку булинг врз своите врсници го искажуваат своето незадоволство, кое првенствено доаѓа од недоразбирања во најтесниот круг на домот – родителите. Денешните родители трчаат по пари низ модерното време, водат брз, но недоволно емпатичен живот со очекувања кои не соодвестуваат со возраста на нивните деца, велат стручњаците.

Психологот Дарко Христовски смета дека комуникацијата на родителите и децата е многу важна и за децата што се предмет на насилство и за оние кои се означени како насилници.

„Булингот кај децата често знае да создаде страв при соочување со други лица или во нови социјални средини. Ефективното решавање на овие проблеми лежи во комуникацијата. Многу е важно во ваквите ситуации детето да биде отворено и искрено првенствено кон родителите. Од друга страна, родителот е должен да се обрати кај стручно лице и да не ја чува ситуацијата во сенка. Колку што подолго детето се соочува со проблемот и не се презема одговорност, толку е и потешко да се реши. Фрапантно е тоа што дури 70% од луѓето кои се жртва на булинг паѓаат во депресија и се подлежни на ментални растројства“, вели психологот Христовски.

Сликата е поразителна

Иако е зголемен бројот на разни едукации и обуки врз малолетниците, сè уште се соочуваме со врсничкото насилство во голем обем. Многубројните анализи и истражувања покажуваат вознемирувачки резултати. Истражувањето од тинк-тенк организацијата „Аналитика“ покажа поразителна слика за сеприсутноста и формата на насилството. Од септември 2021 до февруари 2022 година биле интервјуирани 305 ученици во три училишта, каде дури 62.7% потврдуваат дека насилството е често или постојано присутно во училишната средина, а 67.5% од нив потврдиле дека биле жртва на некој вид насилство.

Секое второ дете е жртва на врсничко насилство, или барем еднаш се соочило со него Учениците идентификуваат неколку видови насилство, а како најзастапени ги препознаваат физчичкото – како највидливо, понатаму психичкото и електронското (сајбер) насилство. Важно е да се напомене дека всушност постои еден вид на поврзаност на видовите насилство, односно се почнува со физичко насилство во училиштето, а по завршување на часовите се применува електронското насилство.

Исто така, кога зборуваме за односот насилник-жртва, мора да се потенцира дека постои можност на ротација, или така наречен „круг“, каде жртвата може да премине во насилник.

За овој проблем Владата на Република Северна Македонија има донесено Национална стратегија и законска рамка за превенција и заштита на децата од сите видови насилство (2020-2025). Оваа стратегија е насочена кон зголемување на јавната свест и промена на знаењата, нормите, ставовите и вредностите кон нулта толеранција на насилство.

Нема брзи решенија, потребна е континуирана работа

Реалноста сепак ни покажува дека бројот на жртви се зголемува, а булингот е секојдневие. Сè уште има голема потреба од информираност и едукација на сите ученици, родители, наставници, и подобрување на односот со одговорните институции.

Елизабета Петровиќ, која е одделенски наставник во основното училиште „Ѓорѓија Пулевски“ во Скопје и семеен и системски психотерапевт, вели дека со децата треба да се разговара, но дека ретко кој од возрасните го умее тоа.

„Вистинскиот разговор почнува со слушање. Денешните деца не се „поправаат“ со бескрајни советувања, критики, етикети… па дури ни со пофалби доколку не се реални и конкретни. Има истражувања кои покажуваат дека во Америка нереално фалените деца развиваат напумпано, големо его, па потребна е ситница тоа да се распрсне. Насилното однесување е страшен симптом преку кој многу деца ни покажуваат колку лошо се чувствуваат, првенствено во своето семејство. Денешните родители живеат, поточно трчаат низ модерно робовладетелство, најчесто немаат поддршка од проширеното семејство и заедницата, имаат очекувања кои не соодветствуваат на детските возрасни карактеристики… им недостасуваат родителски вештини. Многу семејства не успеваат да ги задоволат детските потреби за безусловна љубов, внимание и здрава приврзаност. Прашање е колку училиштата можат и знаат да го компензираат она што не го дава семејството и да го лечат она што ги ранува децата во дисфункционалните семејства. Прашање е колку нашите училишта вистински воспитуваат“, изави Петровиќ.

Таа смета дека преку насилството, децата многу прецизно ни покажуваат колку е болно општеството.

„Една од пораките која децата ни ја испраќаат е токму таа –  да се разбудиме и да станеме одговорни за сопствениот и нивниот живот, наместо да останеме во улога на жртви на оние кои владеат со уцени, закани и насилство од секаков вид“, додава Петровиќ.

И 13-годишната М.С., нашата хероина од оваа приказна која минува тешки моменти, со добра работа и многу љубов, ќе ги надмине тешкотиите. И многу други како неа. Но, затоа е потребно сите заедно – децата, родителите, наставниците, педагозите да создадат средина во која насилството не е одговор, туку одговорот е заедничката посветеност на разбирање, сочувство и емпатија.

Автори: Ева Пeшкирска, Анисија Угриновкса, Гордана Делева, Бајрам Џафче

Текстот претставува финална задача изработена на Мастер часовите за медиуми и новинарство на Институтот за комуникациски студии и ИРЕКС во рамките на УСАИД проектот за медиумска писменост „Младите размислуваат“.