Порака за подобро утре

„Волонтер сакав да станам уште кога бев мала, а овој сон го остварив вклучувајќи се во активностите на Црвениот крст. Денес сум вклучена во активности што ме исполнуваат и ме поттикнуваат да се ангажирам уште повеќе” вели Ванеса Костадинова, волонтерка во Црвениот крст во Гевгелија.
Таа е дел од хуманитарните акции на Црвениот крст преку кои се едуцира на најразлични теми. Нејзиниот сон од мала да стане волонтер, денес е реалност.
Во кои активности си учествувала? Кои се најзабележителни и најпознати?
Ванеса Костадинова: Има многу активности кои Црвен крст ги организира секоја година, меѓу кои најпознати се Ноемвриската трка, пинг – понг турнирот и бројните крводарителски акции. Крводарителските акции се многу важна дејност на оваа организација, па затоа дарувајте крв и придонете светот да продолжи да се движи!
Какви вештини се учат во Црвен крст и која според тебе е најважна?
Ванеса Костадинова: Со различните едукативни часови одржани во Црвен крст, учиме за работата таму, за разни болести и нивна превенција, прва помош, но и за прекршувањата на законот за кои не се обрнува доволно внимание кога е потребно.
Организацијата е најбитна за да се оствари некоја зацртана цел, па затоа Црвен крст ги подучува своите волонтери на тимска работа каде зборот значи многу. Колку тимската работа е важна за успехот?
Ванеса Костадинова: Тимската работа е најважна за успешно сработена акција. Сите ги споделуваат нивните ставови и желби, се слушаме едни со други, па подоцна ги делиме задачите и се организираме на начин што ќе придонесе да сме ефикасни на секое поле. Неизмерно е чувството на исполнетост кога успешно ќе се заврши некоја работа направена од срце и со љубов, знаејќи дека сме му помогнале некому. Со нашето волонтирање даваме слика за успешна организација, полна со идеи и цели, па така и ги поттикнуваме оние околу нас, оние кои не следат да го прават истото, да помагаат и да се грижат.
За крај, младата волонтерка Костадинова ќе рече: Една птица не носи пролет, но таа поттикнува за градење нешто подобро и поуспешно, па така и оваа организација која со своето дејствување праќа значајни пораки кон сите луѓе.