ПроСко – Сос на пријателството
„Про-Ско“ сос е всушност сос кој заеднички го произведуваат учениците од двата града и токму затоа симболично е наречен Про-Ско, како акроним од почетните букви на градовите Прокупље и Скопје.
Дозволете да ве запознаеме со оригиналниот, а патем и превкусен, сос на пријателството. Тоа е ПроСко сос! Овој сос е добиен при соработката на средното училиште на Град Скопје „Браќа Миладиновци“ од Скопје и средното земјоделско училиште „Радош Јовановиќ Сеља“ од Прокупље, Србија. Така, со првите букви од овие два града е добиено името на сосот ПроСко. Соработката и партнерството на овие две училишта беше под покровителство на Канцеларијата за регионална младинска соработка (РИКО).
Вистинската дружба започна на 8 мај 2023 година, кога учениците од Прокупље беа на гости во Скопје. Тие имаа прилика да го посетат изворот Вруток, тетовската Шарената џамија, како и една прекрасна галерија на уметнички дела. Но, нешто што остави голем впечаток кај сите беше Куќата на медот во која можеше да се наде голем избор на мед и колачи со мед. Целиот простор беше во жолти нијанси асоцирајќи на пчелата и медот. Следно на листата беше Средно Водно и врвот Крстовар, но поради маглата, гостите и не видоа многу, а тоа се надомести со посетата на манастирот Св. Пантелејмон. Гостите беа воодушевени од дворот кој нуди прекрасна, убава глетка во природата, додека за внатрешниот дел, се воодушевуваа на старата незаменлива градба на самиот манастир, како и на првите емоции прикажани на фреската „Оплакување на Христос“. Докажано е дека на таа фреска се прикажани првите емоции воопшто во фрескосликарството во светот. Токму поради тоа овој манастир има многу посетители кои доаѓаат да ја видат оваа фреска. Но, се разбира, покрај сите природни богатства и знаменитости на Скопје, учениците имаа можност да видат како се произведува маслото од семе од афион во фирмата Bio Oil Makpremium. И за крај, тоа што учениците од овие струки го сакаат најмногу, беше посетата на семејната фарма на фармерот Давид, каде може да се запознаат со производството на млеко и млечни производи.
А сега, да видиме што сѐ посетивме и видовме ние, учениците од „Браќа Миладиновци” во Прокупље.
Најпрво, го разгледавме партнерското училиште „Радош Јовановиќ Сеља” и нивната живинарска фарма. Следуваа посетите на краварска фарма, посета на историскиот музеј на градот, како и спомен-паркот „Железен полк“. Исто така, посетивме и една модерна винарија „Топлички виногради“, каде се произведува вино од некои од најпознатите сорти грозје во светот, но и домашниот прокупац. А кога зборуваме за природните богатства на Прокупље, патот нѐ однесе до Ѓавоља Варош. Иако скалите беа напорни, сепак вредеше секој чекор бидејќи глетката нѐ остави без здив, беше прекрасна.
Сепак, круната на посетата во Прокупље припаѓа на моментот кога за првпат беше произведен ПроСко сосот. Ние, учениците бевме вредни и работевме напорно, иако при готвењето мирисот беше доста остар, сепак успеавме. За сосот може да кажеме дека е благо-лут, тој содржи прекрасни состојки кои се спротивни едни со други, но затоа се комплементарни и го создаваат прекрасниот вкус. Тие состојки се: природен мед, лути црвени пиперки, босилек, коријандер, чубрика и лук.
Откако го приготвивме сосот, го спакувавме во мали тегли кои потоа добија боја и име со налепниците на кои беше логото на сосот. Благодарение на овој проект, и се разбира, на сиот труд што беше вложен во него, беше освоена и наградата за Најдобра практика (Best Practice Award 2023) на завршната конференција на РИКО во Сараево.
Со меѓусебните посети на партнерските училишта беа изградени многу пријателства, со кои, се разбира, се доби ПроСко сосот. Можете и вие дома да се обидете да го приготвите, но не заборавајте на најважните состојки, љубов и пријател со кој ќе го приготвувате сосот, па можеби ќе го добиете оригиналниот префинет вкус.
Автор: Сара Андонова, ученичка во СУГС „Браќа Миладиновци“ – Скопје