Се одржаа државните првенства во стрелаштво и во пинг-понг
Точно 85 ученици од десетина града од Македонија се натпреваруваа на државното првенство за средни училишта во стрелаштво, а 38, пак, на првенството во пинг-понг.
Учениците стрелаа во четири серии по пет дијаболи, во машка и во женска конкуренција. Од средношколките како најдобра се покажа Викторија Тренчевска од прилепското училиште „Мирче Ацев“, а веднаш зад неа се пласира Јана Маркоска од охридската гимназија „Св. Климент Охридски“. Третото место го освои Сара Томеска, средношколка во скопското училиште „Панче Караѓозов“.
Во машка конкуренција, првите две места ги освоија двајца ученици од прилепската гимназија, Антонио Николоски и Емануел Сеичоски, додека како трет заврши Бојан Симитчиев од средното училиште „Орце Николов“ во Скопје.
Овој натпревар се одржа во Охрид во текот на ноември.
Државното првенство за средношколци во пинг-понг, пак, се одржа во Кавадарци, исто така во машка и во женска конкуренција.
Од средношколките, две ученички од училиштето „Ѓорче Петров“ во Крива Паланка ги освоија првото и третото место, Анета Станковска, односно Ангела Стаменковска. Второпласирана беше Ива Димитриевска од кумановската гимназија „Гоце Делчев“.
Исто како во женската, и во машката конкуренција за првото место се избори ученик од Крива Паланка, Филип Костадиновски. Второпласиран, пак, беше Александар Рикакоски од „Мирче Ацев“ во Прилеп, а зад него на третото место се најде Методиј Бужаровски, ученик во скопската гимназија „Никола Карев“.
Првите две места во сите конкуренции од двете државни првенства се здобија со учество на спортскиот камп што секоја година го организира Агенцијата за млади и спорт.