Активирај се | Создадено од вас |

Со музика до хуманост

feat-img

За првпат заедно на една сцена, сплотени од хуманоста и човечноста, ќе настапат артистите Тамара Волческа, Ивона Јо, Мароп Арангеловски, Мартинијан Кириловски, Пајак, Бендовите: “BrainFreezers” и “One Non Blond”.

Хуманоста ја отсликува големината на еден човек. Таа е најчовечната особина, доблест за секој поединец. Токму младите волонтерите од Црвениот крст од Гостивар се пример за големи хуманитарци. Тие во склоп на планираните активности во имплементација на програмата ЦКА-ПХВ организираат хуманитарен концерт кој ќе се одржи на 23 март (сабота) со почеток во 13:30 часот во Mat Café Гостивар, а чија цел ќе биде собирање на парични средства за помош на социјално загрозено семејство.

Андреја Димитријеска, ученичка во СОМУ „Гостивар“ е една од организаторите на оваа хуманитарна акција, која вели дека инспирацијата за овој концерт произлезе токму од желбата да се помогне некому.

„Сакавме на еден начин да се сплотиме, а воедно и да помогнеме преку ритамот на музиката. Во нашиот град музиката просперира на највисоко ниво и од тука произлезе инспирацијата за концерт“, вели Андреја.

Гледајќи каков е светот околу, Андреја додава дека нема доволно добри луѓе кои се спремни да помогнат.

„Немаме доволно хуманитарци. Можеби ги има, но немаат инспирација за истото, сите очекуваат нешто за возврат. ПХВ проектот се појави како инспирација и за мене и за другите кои се со мене. Желба да се помогне се роди токму во ПХВ циклусот. На овој пат ќе се стекнам со нови пријателства и вештини кои понатака во животот многу ќе ми помогнат“, вели Адреја.

За првпат заедно на една сцена, сплотени од хуманоста и човечноста, ќе настапат артистите Тамара Волческа, Ивона Јо, Мароп Арангеловски, Мартинијан Кириловски, Пајак, Бендовите: “BrainFreezers” и “One Non Blond”.

Според артистката Тамара Волческа, очекувањата за вакви настани се дека ќе се подигне свеста кај луѓето и ќе се соберат сите на едно место да помогнат.

„Сметам дека секој од нас може да овозможи да си плати едно кафе во денот, во овој случај, 150 денари како донација, заедно сплотени сите можеме. Секогаш кога се појавува повик за било каква хуманитарна помош, се трудам максимално да обезбедам и време и простор да одговорам на истиот. Не постои поубаво чувство од тоа со своја музика да направиш убава забава и атмосвера во која луѓето и ќе се забавуваат, воедно и ќе помогнат. Големо браво за целата екипа на Црвен Крст Гостивар за иницијативата и организацијата“, додава Тамара.

И Ивона Јовановиќ е една од учесничките на хуманитарниот концерт. Таа се надева дека луѓето кои што ќе бидат присутни ќе успеат да донираат онолку колку што имаат и можат.

Во многу тешко време живееме, каде што луѓето како нација сме оставени едни на други. Мојот повик на земјава за овој живот е да пренесам порака со мојот глас. Кога мојот глас може да помогне и да учествува во еден прекрасен ваков организиран концерт не можам а да не учествувам“, додава Ивона.

Црвен крст во Акција-Промоција на хумани вредности (ЦКА-ПХВ) е проект кој со години континуирано се имплементира во нашава земја од страна на Црвениот крст на град Скопје, кој е назначен за имплементатор од страна на Црвениот крст на Македонија. Главната цел на ЦКА-ПХВ е вклучување на младите со различна етничка припадност во заеднички проекти за изградба на взаемното разбирање, толеранцијата и културата на дијалог.

Автор: Мартина Димовска, ученичка во СОМУ „Гостивар“