Активирај се | Создадено од вас |

Моцарт или рок – со која музика против стресот

feat-img

Во денешното брзо темпо на живеење  студентите многу често се соочуваат со стрес кој е предизвикан од притисокот на факултет и од секојдневниот живот. Во насока на промовирање на подобра атмосфера за учење  но и за подобро ментално и физичко здравје кај студентите и на севкупната  добросостојба, од суштинско значење е да се потенцира позитивното влијание кое физичката активност и музиката го имаат во справувањето со стресот и нивниот придонес за поголема концентрација.

Повеќето од студентите денес постојано брзаат по нешто или некаде и имаат премногу обврски. Многу е важно да се најде начин да се надмине ваквата состојба и да се стави акцент на позитивните аспекти од животот. Изборот на студентите која музика ќе ја слушаат е повеќеслоен и тој може многу да се разликува од една до друга личност.

Покрај музиката и редовните физички вежби делуваат како моќен начин за ослободување од стрес. Учениците кои се занимаваат со физички вежби и кои слушаат музика можат да се справат со стресот и да бидат попродуктивни, поконцентрирани на учењето.

Моцарт или рок - со која музика против стресот?

Психологот Јорданка Черепналковска Трајкоска потенцира дека стресот е емоција. Емоцијата е енергија. Стресот е акумулирана енергија, па музиката и спортските активности помагаат во неговото ослободување.

„Стресот е емоција, емоцијата е енергија. И ако речам дека стресот е насобрана енергија, спортувањето или некоја физичка активност може да биде од голема помош за да се ослободи таа енергија и да се ослободи простор за други процеси, дали за мислење, творење, учење каква и да е активноста. Така што  секој поединец може да практикува различни физички активности, кои му пријаат, некои пешачење, некои трчање, вежбање, бокс, кикс бокс“ вели Черепналковска Трајковска

За музиката, таа вели дека има мотивирачко дејство но има и големо влијание при намалувањето на стресот и за релаксирање.  Нејзина препорака е секој индивидуално да си одлучи кога и каква музика ќе слуша, но за учење најмногу одговора инструментална,  смирувачка музика.

„Верувам дека секој студент се справува со стресот со слушање музика. Мелодијата на песната комуницира со делот од нашиот мозок кој е задолжен за емоциите и може да го стимулира хормонот на среќата и да го опушти телото. Музиката е многу ефикасна во стресни ситуации бидејќи го олеснува движењето и на умот и на телото“, вели таа.

Ова се некои од начините кој психологот им ги препорачува на студентите да ги користат тогаш кога се соочуваат со стресни ситуации.

Важноста на физичката активност

Се препорачува занимавање со спортски активности во текот на денот. Физичката активност е од витално значење бидејќи ја промовира добросостојбата на целото тело така што ги поврзува физичките и физиолошките аспекти.

Стресот е емоција која генерира акумулирана енергија. Спортските активности помагаат да се ослободи оваа енергија, и тие се начин за справување со стресот. Без разлика дали се работи за трчање, одење, вежбање или други активности, суштинска работа е да избегнува предолго седење на истото место. Препорачливо е да станувате и да се вклучите во физички движења на секои 45 минути за да ги опуштите мозокот и мускулите.

Улогата на музиката во намалувањето на стресот

Музиката е универзално средство за намалување на стресот. Слушањето музика може да го стимулира ослободувањето на хормони кои доведуваат до чувство на среќа и да го опушти телото. Мелодијата на песната директно комуницира со центрите на мозокот кои се задолжени за емоции и ја олеснува врската помеѓу умот и телото.

Кога и каква музика треба да се слуша за намалување на стресот

Изборот кога и каков вид на музика да се слуша е нешто што е индивидуално и се прави тогаш кога стресот најмногу присутен. При стресни ситуации најчесто се избира бавна и релаксирачка музика. Сепак, на некои студенти им помагаат и брзите и енергични мелодии, особено кога учат или се занимаваат со активности кои бараат концентрација.

Музика за подобра концентрација

Во насока на зголемување на концентрацијата, студентите треба да изберат музика со смирувачки елементи и ритам што им помага да се фокусираат на задачата што ја имаат. Целта е да се избере музика која смирува наместо да го одвлекува вниманието.

Стратегии за справување со стресот и подобра фокусираност

Студентите можат да си направат дневен распоред за своите обврски, но ако тој план не се исполни, наместо да паничат треба да го ревидираат распоредот и планот. Со ова подобро ќе ги насочат   своите мисли и постапки во различни ситуации, во насока на подобрување на фокусираноста и продуктивноста. Дополнително можат да помогнат и техниките како што е SWOT анализата во насока на идентификување на силните и слабите страни, и насочување за подобрување на своите квалитети.

Справување со негативни последици

Кога станува збор за емоциите, музиката генерално се смета за нешто кое има позитивно влијание и таа помага да се справиме со стресот. Помалку е веројатно дека таа би имала негативни последици. Кај спортските активности, од клучно значење е да се запазува рамнотежа и да се избегнуваат прекумерен напор или користење на несоодветни техники. Студентите треба да ги следат најдобрите практики, да го слушаат гласот на своето тело и да бараат насочување тогаш кога е потребно за да се спречат потенцијалните негативни ефекти.

Психологот  Трајкоска ја истакнува општествената важност на овие техники. Тие даваат еден сеопфатен одговор на проблемите со кои се соочуваат студентите.

Разговаравме со неколку студенти кои студираат на универзитети во Северна Македонија и Албанија. Ги прашавме каква музика слушаат и каква музика им помага да бидат поефикасни во учењето кога се во стресен период.

Една од студентките , Саранда Мехмеди изјави: Повеќе сакам да слушам класична музика кога сум под стрес. Исто така, сакам да медитирам за да го ослободам стресот“, додека студентката Моника Аксентиевска рече дека повеќе сака да се релаксира со рок музика и ги посочи Coldplay и Arctic Monkeys како нејзин омилен избор. Добивме најразлични одговори – од композициите на Моцарт до жанрот наречен трап кој моментално е најпопуларен меѓу младите. Заклучивме дека младите во Македонија ја користат апликацијата Spotify која нуди попуст на премиум претплатата за оние студенти кои ги исполнуваат условите, како што се слушање на музика без реклами, офлајн преземања на музиката и друго.

Нашата анкета покажа дека повеќето од нив се активни претплатници и дека користат студентски попусти. Како заклучок – запомнете дека физичките активности и слушањето музика може да ви помогнат да се чувствувате подобро кога сте под стрес. Тоа значи дека, ако сте ученик кој се справува со стрес, обидете се да се движите повеќе и да ја слушате онаа музика што ве прави среќни – тоа може да го поправи вашето расположение и да ве направи попродуктивни во учењето.

Автори:

Александра Богеска

Аниса Лули

Валерија Танева

Маркелиан Хиса