Активирај се | Создадено од вас |

Шопов – безвременскиот поет на вечноста

feat-img

Во чест на Шопов.

Шопов е 100 непролеани солзи.

Шопов е 100 неискажани мисли.

Шопов е 100 неостварени љубови.100 испукани куршуми, 100 рани незатворени, 100 грутки земја од нашата татковина откинати.

Шопов е 100 лузни, 100 ветрови, 100 небиднини, 100 црнилишта, 100 луѓе.

Тој е и светлина и мрак, и ден и ноќ, и збор и реч, и човек и поет и бог.

Шопов е Штип, а Штип е Шопов.

Шопов е 100 години, а годината е Шопов.

Шопов е овде, а времето е Шопов.

Тој е поезија, гледач во пепелта, траг во бескрајноста.

Што е Шопов?

„Што си: девојка, жена мајка? Што си ти?“ Зборовите деноноќно одекнуваат во мојата глава. Пулсираат со ритамот на минатото. Се претвораат во една невидена убавина ужасувајќи го мојот ум. Будат силен блесок во очите мои скаменети. Ме гонат тие проклети мисли, молитви на моето тело. Паднав во екстаза од самата помисла да се има одговор на смислата за животот. Срцето ми застана, животот ме напушти за миг. Треперам, се будам во реалноста, се борам за земам здив…земам, но залудно. Не успеав да ја најдам смислата во имањето одговор на суштественото прашање за еден човек. Светлина, мрак, добро, зло, тишина, шум – оксиморони од одговори премногу парадоксични и двосмислени, премногу необмислени за да бидат одговор на замисленото. Збор, стих, дело, книга, скица на парче хартија, непротолкуван јазик за нас, или залутани мисли? Шопов е дело, а зборот е вечност!

Шопов е смислата на македонската поезија. Тој е името на сета македонска борба, љубовен пустош, национален татнеж и македонски родољуб. Со пушка и перо, тој создава една неопислива моќ за македонскиот народ, ни подарува нов свет. Свет на слободата и свет на поезијата, кој за нас, угнетен народ во пепелта, е бисер од школката наречена поезија. Со своето перо ни ги оживува сите кобни борби на непокорливиот македонски народ, сите немилосрдни денови, секоја капка пролеана крв. Го оживува лелекот, плачот на мајката, очите од кои животот згаснува, душата која се издигнува над непобедливите. Шопов ни дава една прецизна констелација на минатото. Ни ја покажува светлината во светот, блесокот во нашето постоење. Не води таму каде „се раѓаат сами и гаснат сите нешта”. Ни дава можност да го видиме, разбереме, почувствуваме светот некогаш, за да може сега, ние, идните генерации, да го продолжиме неговото богатство, неговиот аманет, неговите тивки незаборавени чекори. Преку неговите стихови, ние ги слушаме нечујните чекори во гората на сите македонски борци, го чувствуваме трепетот и стравот на бојното поле. Ги живееме љубовните маки, одново го доживуваме златниот круг на времето, не ослепува црното сонце, сонуваме дни очи, копнееме по небиднината, патуваме долго, а попусто го бараме вистинскиот збор. Минатото се повторува, како калеидоскоп на тогашниот живот, како колеблив доказ за нашето постоење, како нова изострена верзија на реалноста. Шопов ни навраќа порој од сеќавања, убави мисли, историски непобитни факти. Шопов ни го подари вечниот збор, кој се раѓа од мугрите на љубовта, ни подари збор за иднината, збор на раѓање, на лелекање. Ни го одвои зборот од темнината, ни најави раѓање на зборот, ни го подари зборот, не научи да го сакаме зборот, не принуди да го сакаме стихот, да ја разбираме строфата, да живееме во поезијата.

Ова тело, моето тело, лежи како мост меѓу два брега. Пропатував многу, низ пожари, низ урнатини, низ пепелишта. По жега, по суша, по невиделина. Се хранев со пролеаната крв и обмислените зборови. Тука е „гневот на иконите, тие неразбирливи гами” и „громот врз копјето на воинот со камен што е сраснат”. „Тука е првиот злочин и грев и казна и прекор”, тука е „нејасниот немушт збор” и лузна и „пепел на сонот, сон на пепелта” и грозомор и небиднина. Ја обградив мислата во девет градини, но таа пак, ме прогонува, ме бара. И пак ми вели: „да ме паметат, да ме прикажуваат”. И ме запраша: „Што си ти: девојка, жена, мајка, ти – скаменета пред влезот на овој храм со моќно име: ПОБЕДУВАМ, па ова тело возвишено го крена. Што си ти: девојка, мајка, жена?” Тоrаш конечно ја разбрав смислата на животот, необмисленото во обмисленото, трагот во бесконечноста. Разбрав што е Шопов.

А Шопов е овде, жив е, меѓу нас. Вечен е. Сè уште тивко чекори по улиците во Штип, сè уште тивко шепнува стихови на случајни минувачи, сè уште е кралот на поезијата.

Шопов веќе 100 години живее меѓу нас.

Автор: Даница Левкова, ученичка во СОУ Гимназија „Славчо Стојменски“ – Штип.