Активирај се | Создадено од вас |

Разбивање на стереотипите и предрасудите во медиумите на Балканот

feat-img

Како разновиден и културолошки богат регион во делот на Југоисточна Европа, Балканот има сложена историја која честопати била карактеризирана со стереотипи и предрасуди присутни во медиумите. Иако Балканот оствари значителен напредок во последниве години, она што и понатаму треба да се направи како клучна активност е отфрлањето на овие заблуди. Во овој блог ќе ги истражиме вообичаените стереотипи и предрасуди кои ги имаат „преплавено“ балканските медиуми, како и напорите за нивно надминување.

Стереотипите и предрасудите на Балканот, како и во многу други делови од светот, имаат сложени историски, социјални и политички корени. Ова се некои од факторите кои придонесуваат за  тоа:

Конфликти од минатото: Конфликтите кои траеле со векови, од Отоманската империја, до распадот на Југославија, оставија трајни лузни и придонесоа за постоење на меѓусебна недоверба.

  • Национализам: Подемот на национализмот во 19 и 20 век ја поттикна идејата за етничка и национална супериорност, што доведе до стереотипи и предрасуди.
  • Пропаганда: Политичките лидери и медиумите понекогаш користеле пропаганда за да манипулираат со јавното мислење и да ги зајакнат стереотипите.
  • Економски фактори: Економските разлики може да доведат до тензии меѓу различни групи, поради изразените разлики во однос на ресурсите и можностите.
  • Недостаток на едукација: Ограничениот пристап до квалитетно образование може да ги засили верувањата во стереотипи и предрасуди.
  • Социјална изолација: Кога различни етнички или верски групи живеат во сегрегирани заедници, исто така може да биде причина за одредени стереотипи и предрасуди.
  • Влијание од медиумите: Пристрасното или сензационалистичко медиумско покривање е нешто што може да ги зајакне стереотипите.

Балканот како хомоген ентитет: Еден од постојано присутните стереотипи за Балканот е идејата дека тој е хомоген регион со мала културолошка разновидност. Сепак, реалноста е поинаква и таа покажува  дека Балканот се состои од повеќе народи и секој од нив има свој уникатен јазик, култура и традиции. Медиумите често ја занемарувале оваа различност, ги ставале сите балкански народи „во еден кош“ и ја зајакнувале заблудата дека тие меѓусебно не се различни.

Балканот како жариште на конфликти: Турбулентната историја на Балканот е општо познат факт, но поттикнувањето на идејата дека регионот секогаш се наоѓа на работ на конфликт е истовремено неправедно и штетно. Точно е дека Балканот се соочуваше со предизвици, но исто така е точно и тоа дека беше постигнат значителен напредок во промовирањето на мирот и соработката во последниве години.

„Балканизација“ како пежоративен термин: Терминот „балканизација“ честопати се користи во пежоративна смисла за да се опише фрагментација и поделба. Употребата на овој збор премногу ги поедноставува и стигматизира историските сложености на Балканот.

Фокусирање на негативни приказни: Медиумите имаат тенденција да ги нагласуваат негативните приказни, а Балканот не е изземен од ваквата пристрасност

Претерано нагласување на стереотипите: Самите балкански медиуми понекогаш ги зајакнуваат стереотипите, и тоа го прават на свесен или несвесен начин. Сведувајќи ги сложените прашања на обични клишеа и карикатуралност, тие придонесуваат за постоење на круг од предрасуди.

Напори за борба против стереотипите и предрасудите: За среќа, постојат иницијативи и поединци во балканскиот медиумски пејзаж кои се борат против стереотипите и предрасудите. Станува збор за следново:

Раскажување на приказните на разнолик начин: Поттикнување на новинарите и на оние кои создаваат содржини да раскажуваат широк спектар на приказни кои ја одразуваат сложеноста и различноста на регионот.

Прекугранична соработка: Активности за соработка меѓу балканските медиуми за промовирање точно и избалансирано известување, поттикнувајќи на тој начин подобро меѓусебно разбирање.

Образовни програми: Промовирање на медиумска писменост и мултикултурно образование со цел борба против стереотипите и предрасудите и тоа во самиот нивен корен.

Поттикнување на локалното гледање на нештата: Целта е да се слушне локалниот глас и локалните перспективи во медиумите со цел да се обезбеди понијансирано и поавтентично прикажување на регионот.

Заклучок

Балканскиот медиумски пејзаж оствари напредок во последниве години во оспорувањето на стереотипите и предрасудите, но има уште има многу работа. Со признавање на различноста во регионот, истакнувањето на позитивните активности и промовирањето на информирано и избалансирано известување, балканските медиуми можат да придонесат за попрецизно и поправилно прикажување на овој мошне впечатлив дел од светот.

Балканските медиуми треба да се фокусираат на позитивните случувања со цел да се спротивстават на стереотипот за постојаната нестабилност на регионот. Медиумите исто така треба да избегнуваат да го користат терминот „балканизација“ и наместо тоа да промовираат понијансирано разбирање на историјата на регионот и прикажување на современата динамика. Од друга страна, медиумите треба да ги истакнат и позитивните аспекти на балканските општества, како што се нивното богато културно наследство, живописните уметнички сцени и економскиот напредок.

Медиумските организации треба да преземат одговорност за нивната улога во оформувањето на перцепциите и да работат на побалансирано и информирано известување. Уривањето на стереотипите и предрасудите не е само суштинско за Балканот, туку и за глобалното разбирање и соработка.

Примери за стереотипи

„Кој читал историја знае дека македонскиот идентитет не постои“

Срби – „први“ на Балканот и во светот! Или Срби, луѓе без национална историја!

„Хоџа“ на Албин Курти: Жално е што со Србите сме соседи, тие се шовинисти и народ кој убива.

Албанската мафија е една од 10-те најголеми мафијашки групи во светот.

Автори:

Емили Муцобега

Блерина Турици