Трета награда за драмската група „Дон Кихот“ на фестивалот во Бугарија
Драмската група „Дон Кихот” при СОУ „Јосиф Јосифовски” oд Гевгелија се натпреваруваше на Меѓународниот фестивал на уметностите “Утринска ѕвезда” во Банско, Бугарија. Во силна конкуренција на театарски групи од повеќе земји го освои третото место со претставата „Орфеј и Евридика” во режија на професорката Даниела Џишева.
Претставата за основа има митска тема: силната љубов на Орфеј и Евридика која не можат да ја уништат ни боговите. Како ликови се јавуваат познати јунаци од старогрчката митологија, поставени во современо време. Пораката на драмата е дека поминале векови и векови, а ништо не се променило, некогаш боговите, денес луѓето, ги мачат исти маки, ги радуваат исти радости.
Текстот е преработен од професорката Ивана Кркотиќ – Прошева, а техничката обработка е на Тони Аврамов.
На овој престижен и веќе докажан фестивал, Драмската група од Гевгелија „Дон Кихот“ при СОУ „Јосиф Јосифовски“ од Гевгелија ги освојува највисоките награди изминатите неколку години.
Меѓународен уметнички фестивал „Утринска ѕвезда“ е престижен и веќе докажан меѓународен фестивал. Фестивалот секоја година претставува богата палета на млади таленти, различни видови уметност, бројни традиции и културни настани.
Автор: Леана Јанковска, СОУ “Јосиф Јосифовски” Гевгелија

Оваа веб-страница е изработена во рамките на проектот „Употреба на новинарство засновано на факти за подигање на свеста и спротивставување на дезинформациите во медиумскиот простор во Северна Македонија (Користи факти)“, кој се реализира од Институтот за комуникациски студии. Проектот е финансиран од Владата на Обединетото Кралство, со поддршка на Британската амбасада во Скопје. Мислењата и ставовите наведени на оваа веб-страница не ги одразуваат секогаш мислењата и ставовите на Британската Влада.