„Украдена насмевка“ на Сергеј Сарчевски на филмски фестивал во Унгарија
Kраткиот филм „Украдена насмевка“ на 15-годишниот Сергеј Сарчевски е номиниран во официјалната селекција на меѓународниот филмски фестивал „Детско око“ кој оваа недела се одржува во Будимпешта, Унгарија.
Сергеј Сарчевски е ученик во прва година во гимназијата „Орце Николов“ и филмот што го изработил минатата година се однесува на проблемите со кои се соочуваат младите луѓе во процесот на созревање. Станува збор за животот на една тинејџерка кој и се претвора во пекол бидејќи таа ја избира погрешната патека во животот. Филмот ќе биде прикажан на фестивалската програма овој петок и влегува во трката за награда која ќе биде објавена на крајот од неделава.
Средношколецот Сергеј Сарчевски до сега има направено осум кратки филма, има учествувано на неколку домашни и меѓународни филмски манифестации и фестивали, изложби за фотографија и освоено неколку награди.
Оваа година, младите филмаџии на фестивалот „Детско око“ се натпреваруваа во следните категории: долгометражен, анимација, документарен, експериментален, музички видео спот итн. Претседател на жири комисијата е познатиот германски режисер и продуцент Детлеф Флуч, а членови се режисерот Михали Швечтје и визуелниот уметник Ева Мартус.
Фестивалот е финансиски поддржан од Министерството за човечки ресурси и други големи компании во Унгарија.
Сергеј Сарчевски, прва година, СУГС „Орце Николов“