Активирај се | Создадено од вас |

Вештачката интелигенција е наш избор – како ќе ја храниме, така ќе се однесува

feat-img

Брзиот развој на вештачката интелигенција веројатно нема да забави во блиска иднина. Всушност, глобалното усвојување на вештачката интелигенција од страна на организациите треба да се прошири со сложена годишна стапка на раст (CAGR) од 38,1% помеѓу 2022 и 2030 година

Додека стоиме на работ на она што некои го нарекуваат четврта индустриска револуција, иднината на вештачката интелигенција има огромен потенцијал, заедно со значителни ризици и етички дилеми кои бараат внимателно разгледување.

Брзиот напредок на вештачката интелигенција (ВИ) поттикна значајни дискусии за нејзиното влијание врз работната сила, особено во врска со замената на работните места. Како што технологиите за вештачка интелигенција стануваат пософистицирани, тие се сè поспособни да извршуваат задачи што традиционално ги извршуваат луѓето.

Според Анис Сефиданис, професор на Факултетот за применета ИТ, машинска интелегенција и роботика во Охрид, вештачката интелигенција е глобален феномен и таа е дел од оние технологии коишто го опфаќаат секој сегмент од општествениот живот и влијаат подеднакво на секој човек. Тоа што моментално се истражува насекаде низ светот, благодарение на интернетот, во реално време подеднакво пристигнува до секоја точка од светот”, вели професорот Сефиданис, за застапеноста на ВИ, како во светот така и кај нас.

Сите знаеме дека некои сегменти од ВИ би можеле повеќе да просперираат во однос на некои други. Според професорот Сефиданис, вештачката интелигенција ќе се движи во делот на хибриден формат како што сега се големите јазични модели.

Според списанието „Форбс“ глобалната вештачка интелигенција расте со сложена годишна стапка на раст од речиси 40%. Неодамнешниот брз раст на вештачката интелигенција веројатно нема да забави во блиска иднина. Всушност, глобалното усвојување на вештачката интелигенција од страна на организациите треба да се зголеми за 38,1% помеѓу 2022 и 2030 година.

Постои голема загриженост за тоа дека, ВИ може да излезе надвор од контрола, но како и во секојдневниот живот, така и овде, со добра комуникација, правилно зададени алгоритми и умереност може да се спречи ризикот. Затоа што сепак, на крајот од денот, вештачката интелигенција не е ништо друго освен она што ние самите го креираме.

„Ако знаеме да креираме соодветно податоци и да комуницираме на ефикасен начин, тогаш и таа ќе може подобро да нè разбере. И како што вие ме прашавте ‘како си’, и вештачката интелигенција може да научи емпатија, може да научи да се грижи за нештата за кои ние се грижиме и на крај, она што го очекуваме од вештачката интелигенција треба да знаеме е тоа што ние ќе и го дадеме“, додава Сефиданис.

Исто како што појавувањето на интернетот ја погоди секоја држава од светот, така и ВИ води кон тој правец. Како сите досега нови иновации и појави кои носеле огромни промени во сите области, така се случува и со оваа алатка. Приспособувањето на вештачката интелигенција е најдобро да се направи колективно, со цел да ја унапредуваме позитивно, како алатка која што ни нуди помош, а не алатка која ќе се злоупотребува. Факт е дека секоја револуција носи позитивни и негативни промени. Сепак, мора да знаеме длабоко во нас, дека овој тип на интелигенција никогаш нема да ја замени нашата емоционална интелигенција, која нè прави нас како единки единствени и посебни. На крајот од денот, ВИ, е наш избор, и како ние ќе ја храниме, така таа ќе се однесува.

Автори: Изабела Ѓурчиновски и Василка Карталова, ученички во СОУ „Кочо Рацин“ од Велес