feat-img

Животниот пат е исполнет со различни етапи, кои го обликуваат нашиот карактер и не води кон различни предизвици. Живееме во секојдневие кое е исполнето со движења, кои ја плетат  животната мрежа. Општествената заедница е апстрактна арена во која треба да опстанат нашите интереси, таленти и нашето вистинско его и жед да се постигне успех. Ние младите станавме отворена книга за креативност која  во училишните клупи сакаме  да  создадеме една хомогена смеса.

Суштинските карактеристики на денешните млади е да се воздигнат како единка  во толпата, а потоа да ја повлечат и толпата. И наместо ставање акцент на уникатноста, ние се трудиме да станеме универзални статуи кои ги имаат истите рутини, за еден атрактивен и посебен ден. Главна и основна цел е да станеме иста структура, за да се слееме во толпата и да се бориме.

Образованието, само развојот и постојаното учење се клучни елементи кои ни помагаат да се прилагодиме на состојбите кои се менуваат. Таа комбинација на знаење и искуство ни обезбедува поширок хоризонт и можности за творечко изразување. Никогаш не треба да заборавиме дека сите ние сме дијаманти, но секој со посебна убавина, кој сјае во својот посебен момент. Корените на нашата личност ги заменивме со универзални елементи за да не станеме цел на потиснување од страна на толпата со различно мислење.

Создавањето стегната цензура на нашите мисли, чувства и дела да не се најдат на општествениот фронт, кој има за задача да не направи неми набљудувачи. Не ставаме завеси, насликани со карактеристики и квалитети, а нашето вистинско „јас“  да стои во темнината, за да не се слее во напнатите ноти во светот. Животот стана како една претстава, која се прикажува во секое кино, секој ден. Оваа ситуација нас  нѐ турка во  сложен лавиринт  или пак комплицирана загатка, каде наједноставниот и најтешкиот проблем на една личност е стравот од личниот успех. Чекањето на вистинскиот момент да ги отвориш завесите на твоето лице е како да сакаш да го промениш ехото на античките филозофи. А сепак вистинскиот момент е секогаш до тебе и те чека да го направиш првиот чекор, и да го зграбиш својот успех и сон.

Уникатноста и диверзификација на личноста е најблагородниот дар за самата душа. Највеличествената личност е таа да се победиш себеси и станеш подобра индивидуа во општеството. Различноста во карактерот е божествен дар, а не алатка за да се создаде божествена комедија со него.

Познатиот Волт Дизни рекол: „Колку повеќе се сакаш себеси, толку помалку си како другите, што те прави еден и единствен.“ Моќта на вистинските лица да излезат на виделина е во оној кој ги повлекол завесите на општествените граници и го прифатил ризикот, во случај да не успее.

Автор: Магдалена Спасовска, СОУ „Богданци”