Активирај се | Создадено од вас |

Театарска претстава „Слична спротиставеност”: Создадена целосно од и за средношколците

feat-img

Пишувавме како од 2-ри до 6-ти мај културната сцена во Скопје ја преземаа средношколците. На плоштадот Македонија, во КИЦ, МКЦ и на школката во Градски парк во организација на ЈУ „Универзална сала“, а иницирано од професори и ученици од средните училишта, првпат се одржа средношколскиот настан – СРЕДНОЛЕНД.

Целта на настанот беше да ги поттикне средношколците да ги претстават своите таленти преку драмска уметност, фотографија, филм, музика, танц, ликовна уметност.

Со тоа дополнително се поттикна интересот на учениците кон културата и уметноста, а успеаа и да го приближат светот на средношколците до јавноста. Учениците успешно ги промовираа и своите училишта, но и ги покажаа своите таленти, со што се промовираа себе си. СРЕДНОЛЕНД успеа да ја зголеми соработката меѓу училиштата, а настаните беа освежување во градот.

Кај учесниците импресиите од настапите сѐ уште се силни. За издвојување е целата секција со тетарски претстави кои ги изведоа учениците од СУГС „Орце Николов” – „Let’s dance”, СУГС „Раде Јовчевски Корчагин” со претставата „Чекајќи го…” , СУГС „Никола Карев” – „Јас сум Нина” и од СУГС „Јосип Броз-Тито” – „Слична спротиставеност”.

Разговаравме со учениците и менторот од „Јосип Броз-Тито“ кои ја создадоа театарската претстава – „Слична спротиставеност” изведена на сцената во „Салон 19’19“ од драмската група од училиштето составена од ученици од прва и втора година. Тие оставија силен впечаток со талентот, креативноста, оригиналноста и умешноста да се снајдат на сцената. Станува збор за драма, во режија на ученикот Михаел Пепоски, под менторство на проф. Емилија Величкова. Музиката и светлото се на Горазд Војнески 1-9; Постерот е дело на Бисера Војнеска 1-9, а текстот е напишан од сите учесници во претставата.

Дејството во драмата се одвива во училница. Учениците добиваат слободен ден без настава, но на еден поинаков начин. Тие по задача наложена од директорот на училиштето се затворени во неколку училници, но заедно со личноста која најмалку ја поднесуваат. Сè со цел да се подобрат нивните односи, да ги согледаат нивните спротивности за на крајот да воочат дека всушност тие меѓусебно се многу слични. Текстот е преточен во дијалози и монолози кои се ученичко секојдневие.

Менторката и професорка Емилија Величковска вели дека идејата за подготовка на претставата е на ученикот Михаел Пепоски од четврта година, со желба да ја врати драмската група во функција. Додека се договарале за аудиција и кастинг за избор на глумци, пристигнала и поканата за учество на училиштето на „Средноленд.“ Приказната и сценариото веќе биле смислени со цел да се прикаже секојдневието на средношколците, сето она со кое тие се соочуваат, особено за време на часовите и одморите во училиште.

„Сите дијалози и монолози дојдоа од самите учесници кои имаа мали измени во тек на пробите. Согледувам дека дружбата која започна на пробите продолжува и понатаму, а тоа е нешто кое нас професорите не радува. Сцената не препознава национални, расни, етнички разлики. Не препознава ниту вештачка интелигенција, само талент и голема желба да се застане пред маса луѓе и да се задржи вниманието на себе“, вели Величковска.

Ученичките од втора година Инес Ибушоска и Емилија Кржовска кои беа дел од актерката екипа сѐ уште се под импресии.

„Поминавме одлично“ вели Емилија, а Инес се надоврзува „не само што беше одлично, туку и беше многу едукативно“.

На прашањето зошто го избрале насловот „Слична спротивставеност“ велат дека идејата била да се покаже дека колку и некои луѓе да мислат дека се различни од другите, во суштина секогаш имаат некоја сличност со останатите.

„Пред сѐ сакавме да ги истакнеме генералните проблеми помеѓу средношколците и да не заборавиме дека, никој од нас не знае кој низ што поминува, затоа не треба да ги осудуваме другите“ велат Инес и Емилија.

Тие велат дека пред настапот неизбежно сите почувствувале трема од неизвесноста како ќе тече изведбата и каков ќе биде приемот од публиката.

„Сѐ се надмина со позитивниот фидбек од публиката“ вели Инес, а на тоа сега опуштено и насменано се надоврзува Емилија „сѐ додека не излезеш на сцена ја имаш таа возбуденост во себе, но по настапот се чувствуваш одлично“.

Театарската секција која практично ги изработи сите сегменти од претставата почнувајќи од темата, приказната и сценариото, па кастингот, вежбите со актерите, крајната изведба пред публиката заедно со осветлувањето и тонот се задоволни дека целта која си ја поставија е целосно исполнета.

„Мислам дека сите научија по нешто и стекнаа нови другари“ заклучува Емилија.

Во подготовката и изведбата на театарската претстава „Слична спротиставеност” на гимназијата „Јосип Броз Тито“ учествуваа Михаел Пеповски IV-10, Емилија Кржовска II-2, Алина Христовска II-7, Ејдан Џафче II-4, Александар Величков II-7, Матеа Коруноска II-3, Ивана Дуева II-3, Јована Спирковска II-4, Мила Накова II-8, Ангела Џијановска I-9, Сара Стефановска I-9, Дени Жерновска I-9, Дафина Гилевска I-9, Емилија Добрева I-9, Инес Ибушоска II-3, Јована Вуковиќ II-3, Мина Живковска II-4, Далиа Стоименова I-3, Јована Слафко I-9, Бојана Ташева I-9, Теона Ѓурчиновска II-1, Миа Марџиева I-9, Михаела Јовановска I-9, Бистра Велјановска I-9, Анастасија Ѓорѓиевска II-7, Анастасија Ѓорѓиевска II-9, Михаела Стојановска I-8.

Погледнете го краткиот видео извадок од претставата:

Галерија

Автор: Марија Трпков, СУГС „Јосип Броз – Тито“ – Скопје