Анализирај |

Ботови и тролови: натрапници на социјалните медиуми

Надворешниот свет со сите негови добра и зла се пресликува и на социјалните мрежи. Бидејќи таму се над 58 проценти од светската популација, или близу 4,3 милијарди луѓе.

А таму се и натрапниците. Меѓу најчестите натрапници на социјалните мрежи се т.н. ботови и тролови.

Што е бот?

Бот е автоматизиран профил (налог) на социјалните медиуми со кој управува компјутерски алгоритам, а не вистинска личност, иако профилите на ботовите понекогаш претставуваат луѓе со име и презиме, најчесто лажни. На социјалните мрежи присутни се милиони ботови. Има и мрежи од ботови (botnets), кои користат иста фотографија на повеќе профили.

Како да препознаете бот на социјалните мрежи?

Постојат три главни карактеристики на ботовите.

Првата е анонимноста – не даваат дополнителни информации за тоа кој стои зад профилот и вообичаено ставаат слики од личности, компании или симболи на движењата и идеите што ги застапуваат.

Втората е нивната невообичаено голема активност, некарактеристична за реални луѓе – објавуваат и до 50-тина поста дневно.

И третата е постојаното пренесување постови од други корисници.

Има и мрежи од ботови (botnets), кои користат иста фотографија на повеќе профили. Бот-мрежите користат моќни структури за да ги нападнат политичките противници, лидери, држави. Тие промовираат контроверзни содржини, поттикнуваат говор на омраза и онлајн-малтретирање, шират дезинформации, теории на заговор и лажни вести.

Што е трол?

За разлика од ботовите, троловите се вистински луѓе што седат зад компјутерот, намерно иницираат конфликти на социјалните мрежи или навредуваат други корисници за да го одвлечат вниманието од темата на дискусија. Целта им е да ги изместат и да ги уништат дебатите провоцирајќи ги другите корисници да одговорат емотивно на нивните постови или коментари каде што таргетираат популарни јавни личности, поради што има сѐ повеќе повици тоа да се прогласи за кривично дело од омраза. Постојат два вида тролови. Првиот вид тролови со недолични пораки ги напаѓаат јавните личности со многу следбеници на социјалните мрежи, надевајќи се дека овие ќе им одговорат. Ако им одговорат со негативен, хејтерски тон, тогаш троловите ги споделуваат нивните пораки до пошироката публика за да предизвикаат негативни

реакции против јавната личност. Другиот тип тролови се луѓе што уживаат да вознемируваат, да навредуваат, да омаловажуваат и да им нанесуваат штета на другите. Ако нивната жртва одговори, тоа само ги охрабрува да продолжат со негативни коментари, навреди и клевети.

Голем број тролови на социјалните мрежи тоа го прават за пари.

Како да знаете дека некој на социјалната мрежа трола?

  • Ако постира постојано на иста или слична тема таргетирајќи јавни личности.
  • Ако се вклучува во дебати и дава забелешки што немаат врска со темата, туку само за да ги вознемири корисниците на социјалната мрежа и да ја уништи дискусијата. Тролот ги игнорира доказите и се прави дека никогаш не ги видел.
  • Ако постира лични навреди, бесрамно напаѓа или критикува за да понижи некого пред другите. A откако сериозно ќе испровоцира, испраќа пораки од типот „Е де, што се лутиш?“.
  • Акo не му е гајле што повеќето луѓе на мрежата не се согласуваат со него. Тролот ретко се лути и ретко може да биде испровоциран.

Кој е најдобар начин да се справите со троловите на социјалните медиуми?

Игнорирајте ги. Блокирајте ги и кажете им на сите ваши пријатели на мрежата дека станува збор за трол. Со помасовно блокирање, троловите ќе го изгубат бројот на пријатели, а со тоа и влијанието, односно работата. Ако ви прават посебни проблеми со тролањето, тогаш може да ги пријавите кај администраторите на социјалната мрежа.