Анализирај |

Нивото на инфлација: различно толкување или манипулација

Веќе извесно време главна тема во медиумите и во јавноста се растот на цени и високата инфлација. Некако природно ни доаѓа да разбираме што всушност претставува инфлацијата. Тоа се должи на фактот што нејзиното дејство секојдневно го чувствуваме и сме свесни за неа. Но, овој поим може да служи и за манипулации во јавноста.

Што точно значи инфлација?

Инфлацијата претставува раст на општото ниво на цените во една економија. При тоа, за дефинирање на инфлацијата важни се два момента. Прво, инфлацијата претставува пораст на општото ниво на цените и се мери преку индексот на трошоците на животот односно не може да се зборува за инфлација ако дошло до пораст на цената на еден производ или мала група производи. И второ, инфлацијата претставува тренд на постојано зголемување на цените.

Објавувањето на податоците за нивото на инфлацијата се многу специфични. За движењето на цените се објавуваат неколку податоци. Тоа се индекси на трошоци на живот и индекси на цени на мало, кои може да се најдат на веб страницата на Државниот завод за статистика. Но, во светот, исто и кај нас, само еден од нив е податок за официјалната стапка на инфлација за која вообичаено се известува.

Тоа е растот на индексот на просечните годишни трошоци на животот (просечна годишна инфлација) или само на растот на годишните трошоци на живот (годишно ниво на инфлација). Значи, кога зборуваме за инфлација, зборуваме за растот на трошоците за живот. Не за цените на мало. Ова е важно да се знае, бидејќи некои, за да претстават искривена слика за инфлацијата ги користат податоците за растот на цените на мало.

4 вредности за мерење на инфлацијата

Инфлацијата која стручно се мери преку промените во  Индекс на просечните годишни трошоците за живот, се мери преку повеќе вредности, а се изразува преку четири поважни, и тоа во зависност со тоа што се споредува. Индексот на трошоци на животот најчесто се споредува: со претходниот месец, со истиот месец од минатата година, со почетокот на годината и со просекот од поминатите месеци во годината со истиот период од минатата година.

Во конкретниот случај, во сите четири категории имаме различни проценти, и во септември 2023 година тие биле: -0,1% споредено со август оваа година; +6,6% спореден со септември минатата година; +4,8% спореден со почетокот на годината и +11,5% спореден со месеците во годината од истиот период лани, односно јануари – септември 2023 со истиот период 2022. Последниов податок или 11,5% за просечната годишна инфлација е службено најчесто користениот показател за инфлацијата иако понекогаш се користи и оној за годишната (не просечната) инфлација, во случајов +6,6%.

Сите други показатели се корисни за економските анализи, но не се официјален показател за инфлацијата и треба да се соопштуваат претпазливо и со точно посочување за што се работи. Во спротивно, би имале различно толкување и лесно манипулирање на јавноста.

Ако некој сака да прикаже подобри резултати, ќе избере некој од презентираните податоци што е со понизок раст, во случајов годишниот индекс на трошоци на живот. И за обратни цели, односно состојбата да биде прикажана полошо, понекогаш се избира некој од податоците со повисок раст или пак податок за индексот на цели на мало, зависно од конкретната состојба. Затоа, многу често во јавноста, одредени соговорници или медиуми ја избираат вредноста на индексот на раст на цени на мало кои често можат да се повисоки, наместо на растот на трошоците на живот.

Бидејќи инфлацијата е сензитивна тема, при презентирањето на податоците треба да се биде крајно прецизен и одговорен.