Право, правда, правичност – навидум слични, а сепак различни
Правото, правдата и правичноста, се концепти кои со години се наоѓаат во средиштето на секоја општествена анализа. Независно дали се говори за воведување електронски учебници, за покачување на пензиите, субвенции за земјоделците или усвојување на измена на некој закон – секогаш кога треба да оцениме дали некој општествен тек е правилен или не, ние него го гледаме низ призмата на правото, правдата и правичноста. Меѓутоа, за да може правилно критички да се размислува, а оттука и исправно да се расудува и да се заземаат поткрепени ставови на овие теми, најпрвин, важно е да знаеме што е право, што правда, а што правичност и која е нивната улога во оценката на општествените појави? Сите три поими, се меѓусебно поврзани, но уште повеќе, терминолошки се прилично слични и затоа, наша задача денес ќе биде да ги разграничиме и да ги разбереме.
Правото како составен дел од нашето живеење
Правото, своите зачетоци ги бележи уште во најраните години од познатата човечка историја. Правото е општествена појава која ја наоѓаме меѓу луѓето и која ги регулира меѓусебните односи во кои тие стапуваат. Во современата мисла, правото го дефинираме како збир на правила со кои се регулира човековото поведение, а кои се донесени и санкционирани од страна на државата. Од овде, може да извлечеме неколку елементи на оваа едноставна дефиниција, прво: дека правото означува збир од правила; второ: дека со овие правила е регулирано однесувањето на луѓето; и трето: дека ваквите правила ги донесува државата преку нејзините институции, ги спроведува и го казнува оној кој ќе постапува спротивно на нив. Појавата на правила за регулирање на човековите односи, сепак, се случува уште пред да се појави државата како организиран облик на политичко организирање. Имено, луѓето уште во првите заедници сфатиле дека доколку не постојат некакви правила за да го организираат животот во заедницата, секој ќе стравува за својот живот, па така водејќи се од потребата да се заштитат себе како дел од заедницата, луѓето почнале да креираат правила. Историчарите, овој период од правната историја го нарекуваат период на обичајно право – правилата ги креирале луѓето преку повторување на одредени практики и истите не биле никаде запишани. Нешто подоцна, како што човековите заедници стануваат поорганизирани и поуредени, се појавуваат првите кодификации. За најстара во познатата историја се смета Хамбурабиевиот законик кој датира од 1760 година пред нашата ера во Вавилон. Многу важна етапа во оваа хронологија има и целата ера на Римската Империја кога се создава фасцинатниот систем на римското право кој е основа за сето она што денеска го нарекуваме право. Меѓутоа, историјата на правото е нешто за кое може да зборуваме во некоја друга прилика, бидејќи дефинитивно заслужува повеќе од две-три реченици.
Затоа, да се вратиме на поимот на правото. Рековме дека правото е збир од правила кои ги донесува државата за со нив да се регулираат човековите односи. Но кои се всушност овие правила? Правото ги опфаќа сите правила или норми кои се содржани во правните акти – а правни акти се сите документи кои ги донесува власта, кои се инструменти за создавање на правото. Тука, највисок правен акт е уставот кој се наоѓа на врвот на ‘пирамидата’ на правните акти, веднаш под него се наоѓаат законите, а во подножјето ќе ги сместиме подзаконските правни акти. Сите овие правни акти, во Република Северна Македонија, во посебна постапка ги донесува законодавниот дом односно Собранието. Од оној момент кога тие ќе стапат во сила, правилата или нормите кои тие ги содржат стануваат задолжителни за сите граѓани на државата.
Нема правда – нема мир! Но, што значи да ‘има правда’?
Но, да не се задржуваме премногу на правото. Втор термин за кој ќе зборуваме е правдата. Правдата, за разлика од правото е поширок концепт, кој не е само социолошки, туку има и своја етичка димензија. Правдата е еден од основните темели на правото, бидејќи неа, најдобро е да ја сфатиме како принцип кој управува со применувањето на законите во секојдневието, за секој да го добие она кое му следува според законот. Во рамките на правната наука, се прави разлика меѓу два видови правда: комутативна и дистрибутивна. Правниците на овие два видови правда им доделиле две максими, односно две правила по кои се остваруваат. Така, комутативната правда значи: „еднакво постапување во еднакви случаи и нееднакво постапување во нееднакви случаи“ или – законот важи еднакво за сите; додека дистрибутивната правда се води по правилото „секому според заслугите“ или – оние кои постапуваат согласно законот општеството ги наградува, а оние кои постапуваат спротивно од него, општеството ги казнува.
За правдата зборувале многу големи умови. Платон на пример за правдата вели дека е состојба во која секој ја извршува својата улога, без да се меша во улогите на останатите; Аристотел вели дека правда е она кое е согласно законот, ама истовремено е и праведно (фер); Свети Августин смета дека правдата е кога на секој му се дава она што му следува. Хобс оди до таму, што вели дека правдата се заснова на општествен договор и таа е основата за хармонични односи во општеството; а Кант на пример вели дека правда значи способност секој да си ги оставрува правата, без да ги попречува правата на останатите.
Веројатно онаа изреката „Нема правда-нема мир“ сега прави повеќе логика, зар не? Правдата е вредност, во која правото се применува доследно и секој го добива она кое со закон му следува. Ако тоа не е така, тогаш, ниту еден човек нема да е задоволен и општеството ќе биде во хаос.
Правичноста е последното скалило од правото
Сега, ќе преминеме на последниот елемент од оваа дискусија, а тоа е правичноста. Понекогаш, кај некои автори, за правичноста ќе го сретнеме и поимот справедливост, но независно тоа кој поим ќе го употребиме, нивното значење е исто – Правичноста подразбира механизам за применување на правото така што во нашиот конкретен случај, правилата ќе се применат како што се предвидени во законите, но истовремено ние како човечки битија ќе бидеме заштитени со таквите закони. Правичноста е многу важно мерило за тоа дали еден закон е “добар“. Таа е најширок од овие три концепти и подразбира начин на давање таканаречен човечки облик на правото, бидејќи правилата кои ги донесува државата, нема да останат само на хартија, туку токму ние ќе ги применуваме во нашите секојдневни животи. Правичноста за еден човек претставува можност тој да ја оствари правдата, согласно моралот, согласно етиката и согласно најважните човечки вредности. Тоа значи, дека кога јас треба да ги применам правилата кои ги содржат законите, преку нивното остварување јас да бидам заштитена како човек – да биде заштитен мојот живот, мојата личност, мојот морал и моето достоинство. Дури кога во мојот конкретен случај ќе ја остварам правдата и тоа на начин во кој јас како човек ќе бидам достоинствено третирана од правото – значи дека постои правичност.
Правото е една голема кошничка полна со правила која ја донесува државата и ни ја дава нам луѓето за да ги користиме во сите односи во кои стапуваме. И така имаме правила за тоа кога треба да одиме на училиште, правило дека не смееме да поминеме на црвено светло на семафорот, дека треба да плаќаме данок на државата и многу други. Кога овие правила вистински се применуваат и важат исто за секој еден од нас – значи дека имаме правда. Но дури, кога знаеме дека примената на овие правила не е спротивна на човекот како битие, на неговите права и слободи, на неговото достоинство и на оние непишани етички и морални принципи – дури тогаш може да кажеме дека има правичност.
Историјата ни раскажува за право без правичност.
За да ја разбереме врската меѓу овие три концепти, ќе разгледаме еден историски пример. Во периодот од 1938-1942 во Италија, Советот на министри усвојува низа на закони кои во историјата се познати како Расистички закони (Leggi Razziali) со кои се воведува расна дискриминација и сегрегација примарно насочени кој евреите. Со ова, на евреите во Италија им се забранува пристапот до образование, до јавните институции, до јавниот превоз, се забрануваат книгите од еврејски автори и многу други практики.
Овие закони станале право – тие биле усвоени во легитимна законска процедура. Нивното применување, и фактичката сегрегација на евреите, забранувањето на евреите да се школуваат, па дури и нивната депортација – сето тоа било законски потрепено, а оттука, теоретски, тоа било начин на остварување на правдата. Меѓутоа, она од кое мора да тргнеме е третиот – дали законот и неговото остварување биле правични? Одговорот е категорично НЕ – бидејќи овие закони и практики суштински ги негираат човековите права и човекот воопшто. Оваа расправа ќе ја завршиме, со една теорија на Густав Радбрух, според Радбрух, постојат правни принципи кои се посилни од која било правна норма, така што еден закон, кој им противречи ним, е празен во својата важност. Тие принципи се нарекуваат природно право или право на разумот. Сите закони кои противречат на волјата за вистинска правда и правичност – се законско неправо!
Демократијата значи меѓу другото и можност законите да се разгледуваат со „критички очила“ и да може да се направи пресек помеѓу добар и лош закон, бидејќи, само затоа што законот го донесува државата преку нејзините институции, тоа не значи дека тој е совршен и правичен!
Автор: Ана Наумоска