Анализирај |

Натуралните показатели: Можности за манипулација во јавноста

Економските показатели можат да се вредносни односно монетарни, изразени во пари и натурални односно непарични што се изразени во физички мерни единици. Бруто домашниот производ, на пример, е вредносен показател, изразен во пари и ја претставува вкупната пазарна вредност на сите финални добра и услуги што се произведени на територијата на една земја во одреден временски период (на пр. 1 година).

Но, многу често во медиумите и во јавноста се среќаваат и натурални податоци, односно производството или производите да се изразени во мерни единици како што се килограми, тони, хектолитри, парчиња (на пр. автомобили) итн.

Предизвикот на презентацијата на натуралните показатели во јавноста

Натуралните показатели се цврсти и немаат компаративни проблеми, но често при презентациите се одбираат само оние показатели што имаат позитивен или пак негативен предзнак, во зависност од потребите на моментот и од користа на оној што ги соопштува.

Еве пример за тоа: Како да се презентира земјоделското производство или извозот? Некогаш се соопштува зголеменото производство на некоја култура, на пример, пченица во илјада тони, или на некој индустриски производ, на пример, вино во илјади хектолитри. Но, некогаш се презентира податокот за порастот на засеаните површини, пченица или грозје, што упатува на можно поголемо производство, иако тоа не е случај заради можниот понизок принос по единица површина односно лошиот однос на килограм по хектар.

На пример, производството на пченица во минатата година било на засеани 120.000 хектари што дало просечен принос од 2.500 килограми по хектар и така да се произведени 300.000 тони пченица. Тековната година се засеани 132.000 хектари што е раст од 10% на засеаните површини, но просечниот принос се намалил на 2.200 килограми по хектар (-12%) и се произвеле 290.400 тони, односно 9.600 тони помалку од минатата година. Оној што ги соопштува податоците може да манипулира со прикажување на растот на засеаните површини или со намалувањето на произведените количини, зависно од потребата.  

Исто така, можно е селективно и според потребите да се соопштуваат само вредносните или само натуралните показатели, односно зголемениот број или тони на извезени јагниња, на хектолитри вино или на бројот на извезени парчиња кошули, иако финансискиот прилив од извозот може да е и понизок заради променетите цени на пазарите.

Доколку, на пример, бројот на извезени кошули од 900.000 се зголемил на 1.000.000, но цената на една извезена кошула се намалила од 8 на 7 евра заради конкуренцијата на пазарите, тогаш иако годишниот извоз на кошули е зголемен за 100.000 парчиња, всушност вредноста на извозот е намалена од 7,2 милиони на 7 милиони евра. Тој податок може да не се соопшти.

Понекогаш е обратно. Се соопштува зголемената вредност на извозот изразена во пари, иако бројот или тоните на извезени јагниња, хектолитри вино или парчињата кошули е намален, а поголемата вредност на извозот е резултат на значително зголемените цени на јагнешкото месо или виното на светските или регионални пазари.

Во нашиот пример, доколку, на пример, бројот на извезени кошули од 900.000 се намалил на 800.000, но цената на една извезена кошула се зголемила од 8 на 10 евра заради намалената понуда на пазарите, тогаш иако годишниот извоз на кошули е намален за 100.000 парчиња, всушност вредноста на извозот е зголемена од 7,2 милиони на 8 милиони евра. Податокот за намален извоз на парчињата на кошули може да не се соопшти.

Тоа исто така може да се користи за манипулација во соопштувањето на податоците во јавноста.