Анализирај |

Просечна нето плата: колку е зголемена од лани?

Во економијата често се дебатира за одредени состојби и решенија кои имаат директна примена во секојдневниот живот. Но, мислењата за едни исти економски појави и проблеми често можат да се различни, па и дијаметрално спротивни.

На пример, во кои сектори државата треба да ги регулира и ограничува цените на стоките и услугите? Каков даночен систем да се има – со повеќе индиректни или директни даноци, пропорционални или прогресивни даночни стапки? Колкави треба да бидат јавните расходи и за што треба да се троши – за земјоделски субвенции, социјални намени и повисоки плати во јавниот сектор или за изградба на инфраструктура, опремување во образованието и здравството, и модерна одбрана?

Анализите на ваквите дилеми и решенијата се квалитативни, а нивната проверливост и точност никогаш не е целосно можна бидејќи подлежат на моралните судови на јавноста. Граѓаните определуваат што е точно врз основа на сопствените перцепции и светоглед. Но, наспроти квалитативните, се квантитативните анализи и податоци. Тие многу попрецизно укажуваат на одредени состојби во економијата.

Економските показатели се точни, објективни, мерливи и споредливи со соодветните претходни показатели, но и во меѓународни размери. Оттука, дебатата врз основа на ваквите показатели е базирана на факти.

Споредување на моменталната со платата пред неколку години

Еден од најчестите проблеми со толкување на економските податоци е споредувањето на моменталната просечна плата со просечната плата пред неколку години. Односно, неправењето разлика меѓу номиналните и реалните податоци.

Прво да појасниме што е номинален, а што реален податок. Номинални се вредностите што важат во моментот на самата пресметка и се искажуваат во одредена валута, како денари, евра или долари. Ако во јули 2023 година просечната нето плата била 36.286 денари, тоа е нејзината номинална или моментална вредност. Реална или вистинска вредност, пак, е кога номиналната вредност ќе ја корегираме според стапката на инфлацијата на соодветната валута.

Затоа, споредбите само на номиналните, моменталните големини од различни години е несоодветно и тоа е манипулативно презентирање, особено ако стапките на инфлација се поголеми од 1 до 2 процента на годишно ниво. Кога се споредува сегашен податок со ист таков податок од некој претходен период, тогаш треба да се користи неговата реална вредност. Со ова ќе се избегне можноста граѓаните да бидат донесени во заблуда за тоа дали нешто се подобрило или не.

Ајде да ја споредиме просечната нето плата во јули оваа година со таа во јули 2022 година. Споредбата на овие два податока е важна бидејќи во овој период имаме зголемена инфлација, која влијае на тоа колку навистина вреди сегашната просечна нето плата.

Ако само ги споредиме номиналните големини на платите од двата месеца – во јули 2023 година е 36.286 денари и во јуни 2022 година е 31.812 денари, ќе добиеме дека платата оваа година пораснала за 4.474 денари. Но, тоа е само номинален раст и тоа не е точно!

За да се добие реалната слика на просечната нето плата во јули 2023 година, треба нејзината номинална големина да се сведе на реална големина, споредлива со просечната нето плата од претходната, 2022 година. За тоа се употребува т.н. дефлатор за една година, со кој се намалува номиналната големина на просечната нето плата. Во нашиот случај, дефлатор е годишната стапка на инфлација, па просечната нето плата во јуни 2023 треба да се корегира за процентот на официјалната инфлација во периодот јуни 2023 / јуни 2022 година.

Или во случајот, годинешнава јулска просечна нето плата од 36.286 денари, за да се спореди нејзината реална големина со платата од јули 2022 година, треба да се намали за нивото на годишната инфлација во периодот јули 2023 / јули 2022 година, а тоа е 8,4 проценти. Откако ќе се намали за 8,4 проценти, добиваме споредлива плата од јули годинава која изнесува 33.238 денари. Оваа реална големина треба да се спореди со просечната нето-плата во јули 2022, која изнесувала 31.812 денари. Откако ќе споредиме, ќе добиме дека платата се зголемила за 1.426 денари, а не за 4.474 денари, како што претходно беше неточно пресметано.

Висината на просечната нето плата често се користи во јавноста за да се потенцира успехот или неуспехот на владините ветувања и политики, но како што видовме, таа може различно да се толкува.

Оттука, потребно е многу внимателно и прецизно да се соопштуваат податоците што претставуваа номинални вредности и да се размислува за нивната прилагодена реална вредност.