Анализирај |

Проблемот со презентацијата на нивото на јавниот долг

Колку државата е задолжена? Ова прашање, ако не се презентира прецизно, може да донесе до погрешни заклучоци во јавноста. Зошто? Затоа што многу често имаме контрадикторни, а потполно точни податоци. Тоа е дека, од една страна, јавниот долг постојано се зголемува во апсолутен износ, но, од друга страна, тој релативно се намалува мерен како негово процентуално учество во бруто домашниот производ.

Што е јавен долг, а што БДП?

Но, прво да ги разјасниме двата поима – јавен долг и бруто домашен производ.

Јавен долг е збирот на сè она што должи Владата, државните и општинските јавни претпријатија и трговски друштва, како и општините заедно со Град Скопје. 

Бруто домашниот производ или скратено БДП е буквално сè што е произведено или дадено како услуга во државава во рок од една година изразено во пари.

На 30 јуни 2023 година, на пример, вкупниот јавен долг на Македонија изнесувал 8,337 милијарди евра и претставувал 57,9% од македонскиот БДП.

Толкувањето на учеството на јавниот долг во БДП

Но тука, исто така постојат одредени проблеми што произлегуваат од толкувањето на учеството на јавниот долг во БДП.

Номиналната вредност на јавниот долг е јасна и недвојбена категорија и тој сметководствено е прецизен. На пример, растел од 6,483 милијарди евра во 2020 година преку 7,135 милијарди евра во 2021-вата; и 7,703 милијарди евра во 2022-рата година до 8,337 милијарди евра во јуни 2023.

Очигледно е дека јавниот долг расте. Но, спротивно на тоа, неговото учество во БДП, што е многу порелевантен податок, е намален. Тоа се должи на растот и на БДП, но и на тоа дека номиналниот раст на бруто домашниот производ заради инфлацијата, исто така забрзано расте. Затоа номиналниот БДП најчесто расте со растот на инфлацијата, иако реалниот БДП може да стагнира, па дури и да се намалува.

Поедноставено, за да се разбере, инфлацијата ја зголемува вредноста на номиналниот бруто домашниот производ, бидејќи ако инфлацијата е висока, расте вредноста на произведените добра и услуги во пари, но многу често не расте и обемот, односно количината на производите и на услугите.

На пример, во една година македонската економија произвела 100 различни единици на стоки и услуги и тие имале вкупна финална пазарна вредност од 1.000 денари. Тоа во нашиов поедноставен пример е бруто домашниот производ. Ако наредната година инфлацијата е 15 отсто, 100–те произведени стоки и дадени услуги би вределе 1.150 денари. Од ова се гледа дека реалниот обем на економијата не пораснал, таа сè уште дава ист број на стоки и услуги, но нивната вредност на пазарот заради инфлацијата пораснала, односно се зголемил номиналниот бруто домашен производ.

Може да се случи произведените количини дури и да се намалат, а вредноста на бруто домашниот производ, кој нели се изразува во пари, да се зголеми. Јавниот долг, пак, иако е номинален, не расте со инфлацијата туку си останува на истата вредност кога е направен или емитуван. Во тој случај иако вредноста на долгот не се зголемила, неговото учество во БДП соодветно се намалило.

Оттука во јавноста можат да се презентираат различни аспекти на состојбата со јавниот долг во зависност од тоа дали сакаме да го претставиме како растечки, во неговата апсолутна вредност, или опаѓачки, преку неговото релативно, односно процентуално учество во БДП. Таа конфузија треба да се објасни при елаборацијата.