Како да прилагодиш текст за првата страница на Гугл?
Дури и најдобрите и најетаблирани глобални медиумски брендови ги користат правилата и техниките на СЕО (Search Engine Optimization), илиприспособување на содржините што ги нудат за да бидат препознатливи за пребарувачите на веб.
И тоа не е случајно! Најраспространетиот начин секој корисник да стигне до информација на интернет е да го праша „чичко Гугл“. Бидејќи оној што бара одговори на прашањето од интерес најчесто има навика да ги отвори само текстовите на првата страница со резултати, многу е важно како да ги стокмите своите новинарски продукти за да имаат шанси да се најдат таму.
Најважен е изборот на клучни зборови, според кои Гугл ќе ги препознае вашите текстови, видеа и сл. Кога ги пишувате насловите, поднасловите, воведните делови од текстот, мора да размислите и за клучните зборови според кои корисниците пребаруваат содржини на интернет од конкретната тема на интерес.
Истакнатите исечоци или фрагменти (Featured Snippets) на Гугл се добра можност што ја нуди пребарувачот за поголема посетеност на вашата веб-страница. Најдобриот начин вашиот текст да се појави во овие истакнати исечоци е преку таргетирање клучни зборови што се базирани на прашања. Тоа значи дека вашите новинарски текстови треба да ги почнете со прашања – што, кога, каде, зошто и сл.
АМП-приказните (AMP stories – Accelerated Mobile Pages) се исто така важна алатка на Гугл за поголем и побрз пристап на медиумските содржини до публиката. АМП-страниците побрзо се отвораат од вообичаените веб-страници на онлајн-медиумите, што е особено важно за корисниците што следат вести на мобилeн телефон. Тие по правило треба да содржат повеќе фотографии и видеосодржини и куси информации за темата, настанот или личноста на која се однесуваат.
Слични правила што важат за онлајн-новинарството според навиките на читателите, важат и за приспособувањето кон пребарувачот.
- Јасното и прецизно пишување и избегнувањето комплексни реченични структури е од исклучителна важност, зашто на софтверскиот робот му е полесно да разбере поедноставен јазик.
- Клучните вести и информации треба да се содржани во првите две реченици од вашиот текст.
- Употребувајте куси и прецизни наслови.
- Трудете се секогаш вестите што ги објавувате да ги обновувате со дополнителни детали.
- Линкувајте други текстови од надвор или од вашата веб-страница за вести со вашиот текст.
- Не заборавете да го споделите вашиот текст на социјалните мрежи.
- Направете ја вашата веб-страница за вести лесно достапна на мобилен, зашто огромен дел од публиката е на мобилен телефон.
- Привлекувањето читатели на вашата веб-страница за вести треба да биде дел од СЕО-стратегија.
- И на крај, но не помалку важно, внимавајте при употребата на практиката наречена кликбејтинг (clickbating), односно употребата на провокативни сензационалистички наслови со кои ќе ги натерате корисниците на интернет да го отворат линкот. Тоа не е етички!