Анализирај |

Eyetracking: Како да го задржиш читателот на веб?

Технологијата eyetracking, односно следење на движењето на погледот на читателот кога посетува веб-страница за вести, наметнува одредени стандарди за пишување и графичко презентирање на содржините за онлајн-медиуми.

Стандардниот начин на читање-скенирање на текстот на веб, според eyetracking-истражувањата, е во форма на латиничната буква F. Читателите прво прават хоризонтално движење со поглед преку горниот дел од содржината, правејќи ја долгата линија на буквата F. Потоа со погледот одат малку надолу по страницата и прават второ хоризонтално движење, покривајќи покус простор отколку со претходното движење – втората долна линија од буквата F. Конечно, читателите ја скенираат левата страна на содржината со вертикално движење на погледот. Ако нешто им го привлече вниманието – скенираат во форма на цик-цак, се задржуваат на линкови, наслови, графици. Повеќе ги читаат насловите отколку што ги гледаат фотографиите. Многу помалку го скенираат долниот дел од веб-страницата.

Еве неколку совети како да ги задржите читателите подолго на вашата веб-страница за вести:

  • Најважните поенти од содржината на текстот, клучните информации, пишувајте ги во насловот, поднасловот или интрото и во првите два параграфи на текстот.
  • Користете цитати и поенти со заградување или заднина во боја.
  • Болдирајте ги важните зборови и фрази.
  • Линковите се особено важни за онлајн-пишувањето вести.
  • Пишувањето куси параграфи по правило повеќе ги задржува читателите на текстот.
  • Кај онлајн-читателите големите фотографии привлекуваат повеќе внимание од малите, како и фотографиите на кои има ликови.

Довербата е најважна за веб-страниците на вести. Од тие причини треба да се намали со промотивен стил на пишување со многу субјективни тврдења, слогани и други елементи што генерираат недоверба. Читателите имаат време да прочитаат најмногу 30 отсто од една просечна веб-страница и логично е да прескокнат сѐ што не е суштинско и да се префрлат на содржината.

Затоа:

  • Пишувајте кусо, јасно и разбирливо. Тоа што можете да го пренесете со слика, аудио или видео, не мора да го пишувате со зборови!
  • Не заборавете дека е тотално неетички, за да ги намамите читателите и да го зголемите бројот на кликовите, да пишувате наслови без суштина, од типот: „ЕВЕ ШТО ОДЛУЧИ ВЛАДАТА ЗА ПОКАЧУВАЊЕТО НА ПЛАТИТЕ ВО ЗДРАВСТВОТО…“
  • Внимавајте на дизајнот на веб-страницата и не го менувајте често!
  • Не претерувајте со поставување реклами на местата каде што читателите очекуваат содржини и информации.