Кучиња скитници повторно го преплавија Тетово
Фото: РСЕ
Граѓаните на повеќе населби во Тетово, се жалат на големиот број кучиња скитници, кои во потрагата по храна, неретко напаѓаат и им прават проблем на граѓаните и локалните трговци.
Најчести жртви на ваквите напади се младите и децата.
Дополнителен проблем за граѓаните е тоа што кучињата скитници го разнесуваат ѓубрето, околу и онака преполните контејнери, што доведува до ширење на непријатна миризба.
Недоволната грижа на локалните власти, кои ги оставаат кучињата невакцинирани и не ги носат на соодветни специјализирани локации, е причина за влошувањето на проблемот, коментираат граѓаните. Ова остава можност лесно да се пренесуваат заразни заболувања, пред сè беснило.
Граѓаните се сомневаат дека кучињата скитници се оставаат во градот и од околните села.
Кај тетовци има загриженост од размножување на овие кучиња и зголемување на нивниот број, но институциите засега молчат.
Во минатото, ваквиот проблем се решаваше со истурање на отрови, но на оваа замка „паѓаа“ и многу домашни миленици, што пак предизвикуваше револт кај сопствениците.
Бојан Лазаревски