d

The Point Newsletter

Sed ut perspiciatis unde omnis iste natus error.

Follow Point

Begin typing your search above and press return to search. Press Esc to cancel.

Членството на Северна Македонија во ЕУ ќе придонесе за безбедноста на земјата и регионот

Република Северна Македонија е сè уште во „чекалната“ на Европската Унија за започнување на преговори за членство. Со проширување на Европската Унија со земјите од Западниот Балкан, ЕУ има за цел, меѓу другото и да ја зајакне безбедносната компонента, посебно во време на руската агресија врз Украина. Таа придонесува во буџетот на воената алијанса НАТО, чија членка е од 2020 година. Сите земји членки се обврзани со одлука на Европскиот Совет да имаат „заеднички став“ за увоз и извоз на воена опрема, во рамките на безбедносна политика на Унијата.

Драган Тилев, државен советник за европски политики и координација во Секретаријатот за европски прашања, вели дека членството на Македонија во ЕУ силно ќе придонесе за безбедноста и на државата и на регионот, но и на ЕУ.

Драган Тилев. Извор: Твитер

„Стратешката евро-атлантска интеграција е генерациска определба и цел. Членки сме на НАТО, ќе бидеме и членки на Унијата, затоа што тоа носи придобивки за секој граѓанин на Република Северна Македонија. Безбедноста, покрај политичките и економските придобивки, е една од клучните придобивки. Од скоро, нашата целосна придруженост кон сите мерки и санкции во рамките на ЗБНП на ЕУ, како и кон мерките и санкциите на САД, не прави неразделен дел од Западно Европската геополитика. А тоа не е малку. Секоја припадност кон одреден сојуз носи предности, но и обврски. Како сериозна држава ние сме спремни да ги реализираме своите обврски“, ни изјави Тилев.

Тој смета дека во денешната безбедносна архитектура, евентуален почеток на преговорите за членство исто така ќе има влијание врз безбедноста.

Со вклучување нa Западниот Балкан во ЕУ, би се зајакнала и одбраната и безбедноста, бидејќи е важно да може да одговори на кризите во Европа и пошироко. Зачленувањето на земјите од Западниот Балкан во Европската Унија е безбедносен и економски интерес за самата ЕУ како и зајакнување на стабилизацијата во регионот, сметаат хрватскиот и грчкиот министер за надворешни работи за време на Преспа форумот за дијалог.

Во обраќањето на Форумот, министерот Грлич Радман го потенцираше значењето за Европската Унија и од безбедносен аспект, доколку земјите од Западниот Балкан се интегрираат во Унијата. Тој исто така верува дека Република Северна Македонија е модел во регионот кој заслужува исклучителна почит.

ЕУ моментално се соочува со криза во однос на проширувањето. Во обраќањето на Преспа форумот за дијалог, вицепремиерот Бојан Маричиќ кажа дека ЕУ нема конкретна идеја за проширување во блиската иднина. Тој исто така вели дека за ЕУ, просекот за зачленување по последната примена земја е 9 години, а годинава истекува 9-та та година по членството на Република Хрватска.

„Почетокот на пристапните преговори, кој го очекуваме од 2005 година наваму, а го заслуживме од 2009 година, значи нова страница во нашите односи со ЕУ. Со Спогодбата за стабилизација и асоцијација се подготвуваме за единствениот пазар, а со успешно завршување на преговорите би влегле во политичка трајна унија, вклучително и во безбедносните политики и структури на ЕУ. Преговорите ќе ги забрзаат реформите и ќе ги направат придобивките неповратни“, вели Тилев.

Тој посочува дека членството на Република Северна Македонија во ЕУ ќе ја подобри европската безбедност.

„За тоа постојат докази од 1990 година, падот на Берлинскиот ѕид, крвавиот распад на Југославија, косовската криза, нашите воени судири, мигрантските кризи од понов датум, до анектирањето на Крим и агресијата на Русија врз Украина. Република Северна Македонија секогаш играше позитивна улога и со својот капацитет за компромис битно придонесе кон мирот и безбедноста и на ЕУ. Како членка на ЕУ, Република Северна Македонија ќе може уште повеќе и подиректно да учествува во безбедносната архитектура на ЕУ и НАТО“, додава Тилев.

Фото: Преспа форум дијалог. Извор: авторот

„ЕУ отсекогаш била и ќе биде најважниот политички и мировен проект. Ако тоа не беше случај, воопшто немаше да збруваме за украинските перспективи, за придружување на сите држави од источното партнерство. Затоа, важно е да се има на ум дека ЕУ е сè уште многу повеќе политички и мировен проект, отколку само економски или проект на заеднички пазар”, истакна Маричиќ додавајќи дека политиката на проширување е во криза и затоа неопходен е јасен план за проширување за Западниот Балкан.

Република Северна Македонија има стратешки интерес да биде член во Европската Унија уште по прогласувањето на независноста, кога Собранието изгласа резолуција за евроатлански интеграции на државата, но државата е долго време пред вратите на ЕУ како земја кандидат за членство.

Несомнено е дека започнувањето на преговорите и членството во Унијата ќе има позитивен импакт поврзан со безбедноста и за државата и за регионот во кој се наоѓа, но и за самата Унија, што е особено важно во светло на најновите геополитички настани на европскиот континент. Ако Унијата размислува да им даде кандидатски статус на земји кои до вчера беа многу далеку од европската перспектива, зарем треба да се доведува во прашање европскиот пат на државата која е рекордер по години како земја кандидат?

 

Автор: Филип Миленковски

Текстот е изработен како завршна задача на мастер часовите за медиуми и новинарство, организирани од Институтот за комуникациски студии и ИРЕКС во рамките на проектот на УСАИД за медиумска писменост „Младите размислуваат“.