Активирај се | Создадено од вас |

Сопругите – најчести жртви на семејно насилство

feat-img

Во последните четири години бројот на жени-жртви на семејно насилство за зголемил двојно, покажуваат податоците на Министерството за труд и социјална политика. Според нивните анализи, бројот на жртви во 2018 година изнесувал 919, од кои 665 биле жени, додека во 2021 година нивниот број се искачил на 1608, од кои дури 119 биле жени. Најголем дел од нив преживеале форми на физичко или психичко насилство. Слични податоци имаат и во Министерството за внатрешни работи, чии извештаи покажуваат дека најголем број од жртвите, околу 40 отсто, се сопругите, потоа родителите и децата.

Во земјава постојат шелтер центри за заштита и рехабилитација на жртвите во шест региони, но зацелувањето и враќањето на самодовербата кај жените, според експертите оди потешко, иако со нив се работи се додека кај нив постои волја.

Бројките алармираат со години наназад

„Годинава бележиме зголемување на кривичните дела извршени при семејно насилство за 6,5 отсто односно регистрирани се 1056 кривични дела од оваа област“, се вели во последниот Годишен извештај на Министерството за внатрешни работи за 2021 година. Во него се констатира дека 90 отсто од сторителите се од машки пол. Во извештајот се констатира: „Најчесто жртви на семејното насилство се жените – 77 отсто, а во однос на роднинската врска со сторителите, во 38,5 отсто како жртва на семејно насилство се јавува сопругата. При 18 отсто од кривичните дела, жртви се родителите и во 10,5 отсто жртви се децата. Најголем дел од кривичните дела или 84 отсто се извршени со употреба на физичка сила или закана, потоа со ладно оружје се извршени 7,4 отсто од делата, а во 11 случаи е употребено огнено оружје“.

Жртви на семејно насилство

Број на жени жртви изминатите години

Кривични дела извршени во 2020 и 2021 година. Извор: МВР

Слични се податоците од претходната, 2020 година. Според Годишниот извештај на МВР за таа година, биле регистрирани 992 кривични дела од областа на семејното насилство, во кои кај скоро 60 отсто е констатирано дека имало телесна повреда, а потоа се констатирани и случаи на загрозување на сигурноста. Имало и четири случаи на убиство во Скопје, Битола и Велес. И тогаш најголем дел од жртвите биле сопругите.

Профил на сторителите (Извор:МВР,2020)

Статистика МВР од 2021 година

Според Годишниот извештај на МВР за 2021 година, најголем дел од причините за семејно насилство се резултат на состојба на растројство на сторителот, а во 16 отсто тие биле под дејство на алкохол.

Вид на кривично дело

Сведоштвата болат

„Подолго време трпев психичко и економско насилство“, јавно раскажува една од жртвите на семејно насилство. „Минатата година тоа ескалираше и со физичко насилство кое се случи за време на карантинот. Таткото на мојот поранешен сопруг ме удри во пределот на слепоочницата, по што јас паднав долу на подот и бев во неколкуминутно бесознание. Ме крена тогашниот сопруг и ме зароби на креветот во спалната соба. Ме држеше приклештена околу половина час“, вели таа.

„Првично ме советуваа дека треба да се обратам во Центарот за социјална работа, дека треба да се погрижам за моето и за здравственото осигурување на моите две деца. Беа тука во секое време за мене за да ми дадат правна помош, психолошко советување и што и да е друго потребно. Беа достапни 24/7 за мене. Ми помогнаа во четири правни постапки. Благодарение на оваа поддршка се чувствував посигурна, чувствував дека не сум сама, се чувствувате згрижена, чувствувате дека сè е возможно. И покрај тоа што ви се случило дека има излез и има решение за сè“,  споделува жртвата.

Вид на насилство

Зацелувањето и враќањето на самодовербата се клучни

Во услови кога многу жени во земјава, далеку од очите на останатите, трпат омаловажувања, навреди, вербални, физички и сексуални напади, тие спасот го бараат во институциите и здруженијата каде очекуваат разбирање и поддршка со цел да ја надминат траумата.

Ана Аврамовска Нушкова. Фото: Академик.мк

Ана Аврамоска Нушкова од Националната мрежа против насилство врз жените и семејното насилство вели дека во нашата држава постојат шелтер центри во 6 региони кои што се раководени од Министерството за труд и социјална политика. Тие се распределени во Скопје, Охрид, Битола, Велес, Свети Николе и Кочани, а од неодамна отворени се  уште два кризни центри во Прилеп и Штип и уште еден шелтер центар  во Охрид.

„Сместувањето на жртвата во шелтер центрите оди со нејзина согласност. За една жртва да влезе таму потребно е да има  високо загрозувачка животна состојба.  Сместувањето во шелтер центрите е три месеци со можност за продолжување на уште три плус три, но тоа не смее да биде повеќе од една година. По излегувањето од шелтер центрите, со жртвата се работи на психосоцијално советување за да ги надмине траумите и  потоа да се изнајдат решенија кои ќе ѝ пружат помош и поддршка за да се рехабилитира во општеството“, изјави таа.

Билјана Стојановска, психолог

Психологот Билјана Стојановска има искуство со жртвите на семејното насилство.

„Според мене, состојбата на жртвата на семејно насилство личи на феноменот „птица во кафез“. Некогаш предолго затворена, птицата се доведува до ситуација да тaa и кога ќе и се отвори вратата од кафезот, не излегува. Стравот од слободата која долго не ја искусила не ѝ дозволува да излезе. Некогаш е перцепцијата на моќта која жртвата смета дека сторителот ја поседува. Или несигурноста, намалената самодоверба, намаленото себепочитување, стравот од промени и многу други стравови и состојби, кои се појавуваат во ситуациите на семејно насилство“, смета Стојановска.

Според неа, единствен услов за целосно зацелување на жртвата, е прво оттргнување од средината каде има насилство, а потоа и вклучување на двете страни во соодветен психосоцијален третман, за жртви, односно за сторители. И во двата случаи, смета Стојановска, без разлика дали сторителот ќе се вклучи и ќе покаже подготвеност за промена, жената-жртва треба да работи на јакнење на самоподдршката, преку искористување на сите ресурси кои се овозможени и од институциите на државата и од невладиниот сектор.

Авторки: Симона Паскоска и Симона Петровска

Текстот е изработен како завршна задача на мастер часовите за медиуми и новинарство, организирани од Институтот за комуникациски студии и ИРЕКС во рамките на проектот на УСАИД за медиумска писменост „Младите размислуваат“.