Низ ходниците |

Кумановските ученици со гордост ја претставуваат гимназијата „Гоце Делчев“

feat-img

Секоја година исполнета со нови искуства и нови животни лекции. Вака учениците од кумановската гимназија „Гоце Делчев“ го доживуваат средношколскиот период поминат на клупите од ова училиште. Со многубројни дипломи, пехари, медали, државни награди и драмски достигнувања, тие велат дека гимназијата од година во година станува сѐ поелитна, проширувајќи ги видиците на учениците и нудејќи можност за претставување преку разни секции, како пред домашна публика, така и во странство.

„Тука може да ги спомнеме и спортските терени на кои нашите ученици се постојани. Нашето училиште постојано врши размени со збратимени училишта од други места, држави. Учествува на секакви натпревари и уште повеќе се збогатува со искуства. Тука секој има свое место, своја функција, свој глас. Секој индивидуално се искажува во активностите кои се спроведуваат вон училиштето. Посебен инерес има за проектните активности Литературни клубови-драмски секции поради неколку успешно изведени претстави: „Госпоѓа Министерка“ и „Народен пратеник“, велат учениците за Медиум.

Она што со текот на годините за кумановската гимназија стана традиција е збратимувањето со гимназијата „Светозар Марковиќ“ од Ниш. Соработката на двете училишта резултира со меѓусебни посети на саеми и неформални дружења, од кои што едните од другите учат по нешто.

Според кумановските гимназијалци, училиштето кое тие го претставуваат на секој натпревар и посета во странство не е само образовна институција, туку и едно огромно животно искуства.

-Секој е добредојден во овие клупи. Без сомнеж, штом еднаш ќе сетите дел од гимназиската атмосфера во „Гоце Делчев“, не ќе можете без неа, зборуваат учениците за објектот кој го сметаат за втор дом.

Автор: Тина Трајковска, IV-11, СОУ „Гоце Делчев“ – Куманово