Средношколци од цел Балкан дојдоа на турнир во Скопје

Средношколските екипи од Скопје ги освоија првите места во футсал – машки, кошарка – машки, одбојка – женски, како и во ракомет во машка и во женска конкуренција на меѓународен средношколски турнир што се одржа во главниот град. Единствено како победници не се запишаа ученичките од женската екипа во кошарка, каде што најдобри беа средношколките од Загреб.
Покрај домаќините и гостите од Загреб (Хрватска), на натпреварите учествуваа и средношколски екипи од Подгорица (Црна Гора), Сараево (Босна и Херцеговина) и од Софија (Бугарија).
Меѓународниот средношколски турнир „Скопје 2016“ се одржа во спортскиот центар „Борис Трајковски“, а наградите ги доделија градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски и амбасадорката на Хрватска во Република Македонија, Данијела Баришиќ.
А.Т.