Активирај се | Создадено од вас |

Во друштво е главен, а во пливање шампион

feat-img

Спортот му е пасија, дел е од неговото секојдневие, а најмногу се пронаоѓа во пливањето. Со неговите вештини во базен може да се гордее, а со успесите од меѓународните натпреварувања може да се пофалат не само неговите родители и тренери, туку и цела држава.

 

mario2 nhМарио Мицковски е средношколец во прва година во училиштето за физичка култура „Методија Митевски-Брицо“ во Скопје. Тој е дете со Даунов синдром, меѓутоа неговото благо хромозомско нарушување не претставува пречка за да го има истото секојдневие како и неговите врсници.

Тренира пливање, а е носител на златен медал од Специјалната олимпијада што минатата година се одржа во Лос Анџелес, САД. Шампионското место го освоил на 25 метри слободен стил, а на 50, пак, се закитил со бронза. Освоил и прво место на интернационалните спортски игри „Оаза“ во Босна и Херцеговина. Екипата на „Медиум“ помина едно попладне на тренинг заедно со овој средношколец, со неговата мајка и со тренерот.

– По природа е дете што сака многу спорт, и да гледа и да спортува. Постојано сака да е со топка или да плива. На улица во маалото често игра кошарка или фудбал. Најсреќен е кога ќе го викнат да игра нешто, во фудбал на пример, најчесто е во одбрана бидејќи кога ќе се залепи на противничкиот играч, потешко го проаѓаат – вели неговата мајка Јамболка.

Среќа, скокање и солзи радосници е она што прво ѝ доаѓа на ум кога ќе се сети на моментот и на атмосферата по успехот во Лос Анџелес.

mario5 nhТаа раскажува дека никогаш немале проблем со прифаќањето на нејзиното дете од средината, го носеле во градинка и завршил редовно основно училиште.
Во септември започнале и првите средношколски денови за Марио. На училиште оди сам, патува на екскурзии и, како што вели неговата мајка, се трудат да биде самостоен во секој поглед.

– Сам си го мести креветот, кога ќе јаде знае да ги собере чиниите, одговорен е – раскажува неговата мајка.

Во училиште, како што вели самиот, нема тешки предмети. Досега успеал да нареди три петки.

– По школо, шетам со девојки – низ смеа ни одговори Марио.

Неговата најчеста дестинација по училиште е базенот во спортскиот центар „Борис Трајковски“. Тренира три пати неделно, а заедно со него во група се уште дваесетина деца со разна попреченост. Со нив работат тренерот Радован Велјановски и уште двајца помошници. Отвореноста, желбата за дружење и професионалните успеси на Марио се главните „виновници“ што тој е една од главните фаци меѓу другарите од базен. „Марио, мајсторе“ е песната која тие често знаат да му ја запеат, додека, пак, тој често знае и да ги подучи нешто за пливањето за време на тренинзите.

Тренерот Велјановски вели дека оваа група има редовни тренинзи и, според него, Дауновиот синдром или која било попреченост не треба да значи дека детето треба да биде изолирано, напротив, тоа треба да се прифати како и сите други.

mario4 nh– Ако овие деца се третираат нормално, ако им се дадат шанси како и на сите други, тие такви и ќе бидат прифатени. Најмногу треба да вложи родителот, да му помогне, да не го изолираат бидејќи има некаква попреченост – истакнува Велјановски.

Токму таков третман добива и Марио. Родителите му ги покажале автобуските постојки, па освен на училиште сам оди и на тренинг. Кога не е во базен или не игра фудбал, тогаш дома игра пинг-понг со неговиот помал брат или со некој другар. Обожава, вели, да игра и карти – макао, а бидејќи некои од другарите не ги знаат правилата, често знае и да ги учи.

Во иднина, како што вели тренерот, ќе работат напорно, ќе ги вложат сите напори за освен на олимпијада, Марио да биде еден од учесниците и претставниците на Македонија и на некое европско или светско првенство во пливање. Но овој пат на долги патеки.

– Одиме само на злато и ништо друго – прокоментира Марио пред влезе во базенот, каде што со нетрпение го очекуваа другарите од групата.

РАМКА: Н. Од Лос Анџелес се вратија со 12 медали

Медалот со златен сјај на 25 метри пливање и оној со сребрениот на 50 што ги освои Марио на Специјалната олимпијада во Лос Анџелес се два од вкупно 12-те со кои лани летото се вратија македонските спортисти.

Во пливање на 50 метри слободен стил, трето место освои и Јована Павловиќ, а Стефан Трпковски се избори за сребро на 50 и за бронза на 25 метри.

Со медали од Специјалната олимпијада се вратија и спортистите кои се натпреваруваа во атлетика, пинг-понг и во кошарка.

На ова натпреварување учествуваа околу седум илјади спортисти од повеќе од 177 земји во 25 спорта.