Активирај се | Создадено од вас |

Пандемијата и менталното здравје на младите

feat-img

Пандемијата вклучувајќи го образовниот систем, семејството, врсниците, средината во која живеат, влијаеше врз менталното, емоционалното, психичкото и физичкото здравје кај младите, кое предизвика многу промени во навиките кај учениците од основно и средно образование. Како го надминаа тоа и со што се соочија, дознаваме од разговорот со ученици од две скопски училишта. Искуствата се различни.

„Притисокот беше зголемен врз нас и беше невообичаена ситуација која многу лошо влијаеше на моето ментално здравје. Онлајн наставата е најголемата причина за ова, не можевме да се социјализираме и беше речиси невозможно да се фокусирам на час поради тоа што секојдневно бевме на компјутер барем по седум часа. Освен тестовите кои ги имавме речиси секоја недела, имавме премногу домашни и сите од нив имаа рок. Освен тоа, ретко можевме да излегуваме надвор поради бројките кои постојано се зголемуваа, па немавме многу активности надвор од школо.“ вели за ТВ 24 ученичка од втора година од СУГС “Орце Николов”.

Ученичката додава дека добила и помош од педагошко-психолошката служба, најмногу поради притисокот предизвикан од онлајн наставата во прва година.

Таа заблежала дека и дел од нејзините соученици, особено после пандемијата, се соочиле со слична ситуација.

“Сметам дека треба наставниците да имаат повеќе грижа за менталното здравје на учениците и да ги подржуваат наместо да ставаат уште повеќе притисок за нивниот успех во училиште. Изучување за менталното здравје исто така би било од голема помош бидејќи е тема која честопати е избегнувана во училиште во периодот кога најмногу треба на тоа да се посвети внимание” – додава ученичката од втора година СУГС ,,Орце Николов”.

Некои ученици, пак во време на пандемијата, не почувствувале притисок од самиот почеток, туку подоцна.

“За време на пандемијата моето ментално здравје беше добро на почетокот и не чуствував никаков зголемен притисок, напротив се почувствував поопуштено поминувајќи го поголемиот дел од денот во мојот дом, но со тек на време почна да ми недостасува честата дружба со моите пријатели. Јас себе се сметам за екстровертна личност и поради тоа намаленото дружење влијаеше на моето ментално здравје.

Во овој период бев сеуште во основно и не добив никаква помош од педагошка или психолошка служба, но со помош на видеа од социјалните мрежи и со дружба со моите пријатели носејќи маска, моето ментално здравје полека се врати во нормална ситуација,” вели за ТВ 24 ученик од прва година од СУГС „Никола Карев”

Таа смета дека треба повеќе внимание да се посвети на воспоставување подобра релација меѓу наставниците и учениците.

“Не се работи за потребата од зголемување на наставниот кадар одговорен за поддршка на менталното здравје кај младите, поважно е кадарот да биде способен да ја добие довербата на младите за тие да можат да им се доверат и да зборуваат за своите проблеми,” додава оваа ученичка.

Стручњаците потврдуваат дека постојат доста примери кои можат да сведочат како пандемијата го смени светот на младите и како влијаеше врз нивниот ментален и психолошки развој.

Психологот Гордана Блажевска Спиридонова од средното училиште „Никола Карев“ вели дека кога се работи за менталното здравје на младите, тие општо се наоѓаат во доста ризичен развоен период со сите оние карактеристики што ги носи развојниот период на адолесенцијата и задачите кои ги имаат да ги завршат, имаат да научат и да совладат.

“Со сето тоа што го донесе пандемијата, притисокот многу се зголеми врз целата заедница и имаше зголемени барања во однос на адаптација, осмислување на нови решенија и нови видови на прилагодувања. Иако заедниците низ светот се обидоа да имаат разбирање за состојбата кај младите и имаше прилагодувања кај програмите, лекциите и начинот на барања, но мора да се укаже дека не е едноставно да се најде рамнотежа, да се упростат барањата, а тие да не изгубат од квалитетот на образованието”, вели психологот Блажевска Спиридонова .

Таа исто така наведе дека потребно е наставниците да препознаат дали на учениците им е потребна било каква помош во училницата и надвор од неа, ако нешто има проблем и да се излезе на страна да се разговара со ученикот или ученичката за тоа. Таа околу решавањето со проблемот за менталното здравје кај младите исто вели дека е потребно создавање на национална програма за постојано решавање на ваквите предизвици.

,,Ние искрено немаме национална програма, ниту пак став како држава кон важноста за менталното здравје на младите, таа програма би се имплементирала со постоечки документи со вмрежување на институции, државни институции, формални институции и институции кои се неформални и невладини кои се вон системот-образовен, меѓутоа исто така кои имаат ресурси да дадат соодветна подршка” додава таа.

Особено денес, кога живееме во време на економски, политички и социјални предизвици и неизвесности, станува сè потешко за еден млад човек да се реализира целосно и биде или остане психолошки здрав. Токму поради тоа, важно е не само да се работи на зголемување на свесноста во врска со ментално здравје на младите, туку и директно да се поддржат младите кои се соочуваат со потешкотии, вклучувајќи го и намалувањето на стигмата и дискриминацијата. Со спроведување на превентивни програми навремено може да се влијае врз севкупниот развој на младите и да се спречат понатамошни нарушувања.

Автор: Ангелина Илиеска

Оваа содржина е изработена во рамки на проектот за медиумска писменост на УСАИД „Младите размислуваат“ кој го спроведува ИРЕКС во партнерство со Институтот за комуникациски студии, Македонскиот институт за медиуми и Младински образовен форум.

Текстот е првично објавен ТУКА.