Активирај се | Создадено од вас |

Лажни информации им ја матат водата на младите

feat-img

Средношколецот Стефан С., втора година средно образование, ја заврши со неколку неоправдани изостаноци. За еден од нив не може да си прости. Се чувствува измамен и наивен бидејќи лесно подлегнал на дезинформациите пласирани на вести на телевизија. Се сеќава на тој вторник кога подготвувајќи се за втора смена слушнал од презентерката дека поради дојавата за бомби сите училишта нема да одржат настава тој ден. Се опуштил, по малку и се израдувал, па останал дома да се релаксира со филм. Слаткото попладне завршило за неколку часа, кога најдобриот другар му се јавил да праша зошто денеска не дошол на настава, мислејќи дека се шегува со него. Стефан почнал да се брани, но по неколку убедувања сфатил дека веста што му го разубави денот, била лага. Заради изворот кој му личел на точен и доверлив, заработил неоправдан изостанок. Но, тој не е единствен. На такви и слични дезинформации многу ученици, особено годинава, поради лажни дојави за бомби, заработија десетици изостаноци. Прашањето останува неодговорено, кој ја кажува вистината, а кој лаже и зошто?

Ги прашавме средношколците, како се чувствуваа и од каде дознаваа за лажните дојави за бомби во нивните училишта, и дали се свесни за дезинформациите кои кружат околу нив.

Според истражувањата на Институтот за комуникациски студии, постојат две нивоа на пласирање на дезинформациите. Едното е општествено, а другото индивидуално. Дезинформациите се пласираат на начин кој што привлекуваат внимание кај јавноста, односно тие предизвикуваат одреден емоционален набој без разлика на тоа дали е страв, паника, несигурност, неизвесност од она што ќе се случи во иднина и на тој начин предизвикуваат внимание за повеќе кликања. Со самиот чин на пласирањето на информациите на општествено ниво, се појавува феномен каде што сериозно се подрива довербата на институциите, а со тоа се губи довербата во оној што го води општеството и во сите општествени процеси. Тоа е сериозна закана за демократијата, вели Александра Теменугова, која е новинар и истражувач во ИКС.

Во истражувањето спроведено од Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис” и Центарот за европски стратегии „Евротинк”, се добиени информации за тоа како младите во Република Македонија ги добиваат информациите. Во текот на истражувањето, еден од испитаниците одговорил дека тие се информираат преку  социјални медиуми.  „На интернет има многу информации што се пренесуваат од човек на човек. Во реалниот живот, многу млади не знаат дека постојат можности за кои не се информирани. Така, ако не се социјалните медиуми, нема да можат да стигнат до нив, нема сѐ на интернет, а дури и да има, треба да знаеш каде да ги бараш” , вели еден  од нивните испитаници. Оттука може да се разбере контекстот на наодите на следното прашање: Од каде точно на интернет и од кои социјални медиуми се информираат младите?

Според истражувањето, процентуално гледано, сликата за преферираното средство за информирање кај младите е интернетот. Водечко место заземаат социјалните медиуми каде за една третина од испитаниците Фејсбук и Твитер се најчести извори на информирање. Електронските верзии на дневните весници се во тесна трка со другите интернет-портали за втор најчест извор на информирање за младите. Телевизиите и нивните интернет-изданија се најчесто средство за информирање за помалку од 10% од испитаниците.

Глобално, околу 80%  од тинејџерите ги добиваат вести од социјалните медиуми, вели Ива Трембелиева, партнер во Жар птица, која работи како маркетер. Со неа разговаравме за влијанието на социјалните медиуми на младите. Една од главните причина за енормното користење на социјалните медиуми е дека тие стануваат константен извор на валидација и афирмација кај корисниците, кои најчесто доаѓаат во форма на лајкови, коментари и споделување на содржината која што ја креираат корисниците. Секој кој добива позитивен коментар, лајк, некаква афирмација на содржината, добива чувство на награда, и е тригер за лачење на допамин во мозокот. Зависноста од социјалните медиуми, и  прекумерна потреба од валидација и афирмација носи негативни последици, особено по менталното здравје, бидејќи луѓето целосно се потпираат на овие канали за валидација и може да доведе до чувство на ниска самодоверба, анксиозност и депресија. Психолошките состојби и притисокот кој што се креира на околу овие начини на идеализираната верзија за себе води до отуѓување од вистинското јас.

Социјалните медиуми, посебно тие што се популарни меѓу младите треба да се користат за тие да се активираат, и да се вклучат во акции кои се од нивни интерес, со цел да бидат дел процесот за подобрување на општеството.

Според Весна Никодиновска, обучувач од областа на медиумска писменост, од Македонскиот институт за медиуми, медиумите имаат и позитивно и негативно влијание во општеството и затоа сите мора да знаат која е целта на една информација, дали да  информира, да убеди или да манипулираа. Затоа, пред да прочитаме една информација мора да размислиме која е нејзината цел. Денес, актуелни се различни видови на дезинформации, мисинформации и злонамерни информации, кои што ги шират политичките центри на моќ, а често се поврзани со различни теми, како што се животната средина, избори, здравство, политички партии, епидемии, вакцинација, здрава храна…

Да се живее во сегашното дигитално време значи да се биде умешан во користењето на медиумите, но и одговорно онлајн однесување, односно да се внимава што се чита и од каде. Еднакво важно е и споделувањето информации од други лица, бидејќи иако веруваме дека тоа што го споделуваме е точно, не секогаш е така. Ширењето дезинформации, всушност значи дека несвесно ја прошируваме штетата што некој друг ја планирал, и така остваруваме нечија туѓа цел.

За да бидеме сигурни дека информациите кои ги читаме на социјалните медиуми се вистинити и доверливи, треба да провериме некои основни фактори, како на пример, кој е медиумот кој ја објавил веста, неговиот сопственик, дали е потпишан авторот, датум на издавање, кои извори се користени, дали соговорниците кои се цитирани се потпишани,  и секако, треба да се прочита целиот текст. Ова се првите чекори за полесно откривање на дезинформациите и станување поотпорни на нив.

Авторки:

Тереза Кимова, СГГУГС „Здравко Цветковски” – Скопје

Лина Зеќири, СУГС „Зеф Љуш Марку“ – Скопје

Магдалена Спасовска, СОУ „Богданци“ – Богданци

Берна Бајрами, СУГС „Зеф Љуш Марку“ – Скопје