Активирај се | Создадено од вас |

Молчењето не е злато кај врсничкото насилство

feat-img

Мал е процентот случаи на врсничко насилство што се пријавуваат во училиштата. Иако 70% од учениците или речиси две третини од нив потврдиле дека биле сведоци на врсничко насилство во училиште, оваа година во МВР се пријавени само 38 случаи, од нив половина во Скопје. На ваквите настани не учествуваат само жртвата и насилникот, актери во оваа трагедија се и тие кои ќе видат но поради страв го премолчуваат тоа што го виделе со свои очи. И додека тие се неми, жртвата се повлекува и живее во грч, насилниците со своето нахрането его, а наставниците и училиштата, слепи за тоа што се случува во средината во која работат.

Низ годините бројот на пријавени случаи во МВР се намалува. Во 2012 година се регистрирани 157 случаи додека во 2022 год. само 75. Ова значи дека за една деценија има стагнација за 50%, но фактички бројот на случаи на врсничко насилство не е намален.

Извор: https://samoprasaj.mk/ziveacka/postojat-dve-drzavni-tela-protiv-vrsnicko-nasilstvo-koi-nikogas-ne-sme-gi-slusnale/

Овој ланец на молчење го прекина ученик кој бил сведок на булинг и кој со неговата реакција придонесе една жртва да си го најде мирот. Тој не дозволи да продолжи чинот на насилство. Реши да се бори и се одважи да не биде пасивен. Ученикот не молчеше.

Сведок: Да точно е јас бев сведок кај што спречив булинг, кај еден од нашите соученици кој беше дојден од нова средина, односно беше дојден од село, децата кај нас го зафркаваа бидејќи бил дојден од село, со него си поигруваа, го туркаа, го тегнеа за коса, со него едноставно си играа како со фудбалска топка. Јас тоа го забележав, и веднаш отидов кај насилниците и им реков дека ќе ги пријавам кај службите, тие мислеа дека јас се зафркавам, но јас веднаш отидов кај службите и ги пријавив, но булингот тука не престана, а и јас така исто не престанав со моите предупредувања. Повторно ги пријавив кај службите и тие пак не престанаа, па на крај изреагирав побурно кај децата-насилниците, и тие престанаа и булингот престана.

Владимир Караев од здружението „Рубикон“ кој има учествувано во бројни проекти за надминување на проблемите со врсничкото насилство вели дека сведоците никогаш не се свесни колку можат да помогнат. Тие се оние кои се преправаат дека не го гледаат делото, немаат самодоверба и мислат дека не можат да сменат ништо, се плашат од ризикот да влезат во улога на жртва. Ваквиот чин, младите само го гледаат од страна, го снимаат и си го препраќаат меѓу себе, смеејќи се, несвесни дека можат да променат нешто. Од друга страна, службите во училиштето најчесто ваквиот проблем не го гледаат и не го третираат како сериозен, туку го игнорираат со цел да го задржат имиџот на училиштето.

Видео Владимир Караев- здружение „Рубикон“

„Најчесто училиштата реагираат кога ќе има поголем инцидент откако булингот трае подолго време. Тогаш наставниците и стручната служба се претвараат во пожарникари кои што во паника го гасат огнот. Арно ама пожарот го гасат со погрешната кофа, наместо таа со вода, тие ја истураат кофата со бензин. Многу голем број од наставниците имаат слаби вештини за разрешување на конфликти или за какво било врсничко насилство“.

Професорот Насер Мифтари од училиштето „Зеф Љуш Марку“ вели дека булингот постои, но ретко се пријавува. Професорите имаат на располагање повеќе мерки, од кои најстрогите се исклучување од настава или вонредно завршување на училиштето. Но овие мерки речиси никогаш не се применуваат. Иако во училиштето има повеќе проекти и активности за спречување на врсничкото насилство, наместо да опаѓа таквиот број, тој се зголемува. Потребно е уште многу време за да се подигне свеста дека ние сме одговорни за се тоа што не чини.

Видео Насер Мифтари- Професор во училиштето „Зеф Љуш Марку“

„Се уште не сме зрели за сите тие нешта да ги пријавуваме навреме. Со сето тоа што го гледаме, а не го пријавуваме правиме зло за себе и за сите. Би требало нешто во овој сегмент да се преземе повеќе.“

Булингот најчесто се извршува во јавност каде што насилникот има контрола над ситуацијата и постои хранење на неговото его од страна на суровата публика. Ваквата ситуација не може да постои доколку помеѓу соучениците има солидарност и тие пружат отпор. Насилството постои само каде што публиката молчи. Кога ќе се спротистават поголем број ученици насилникот ја губи својата храна и доаѓа до прекин на булингот. Со тоа се заштитува и жртвата од несаканите последици кои го уништуваат нејзиниот живот.

Видео Владимир Караев- здружение „Рубикон“

„Жртвата ако има солидарни ученици таа си вели дека не е сама. Не сум јас крив што ми се случува ова, и други го осудуваат ова однесување на оние кој што ни вршат насилство. Автоматски сите последици кој што ги набројав се намалуваат и жртвата наместо да падне во некоја подлабока депресивна состојба нејзината самодоверба може да расте и да биде жива. “

Наставниците и училиштата имаат упатство како да реагират при случај на насилство. Во упатството од Министерството за образование, наставниците ја имаат најголемата должност за препознавање и решавање на самото насилството. Тие мораат веднаш да го пријават кај контакт лицето за насилство кое е определено од директорот. Во упатството пишува и дека во секое училиште треба да биде поставена кутија за пријавување насилствата по анонимен пат. И покрај ваквите препораки од МОН, наставниците и службите во училиштата паѓаат уште на првиот чекор. Не го препознаваат насилството кое се одвива под маската на детската „невина“ игра, ниту пак има поставени кутии за пријавување насилство. Така насилството останува скриено, а жртвата незаштитена.

Тука главна улога треба да одиграат самите ученици кои ке го препознаат насилството и нема да го премолчат.

Сведоците кои треба да бидат најгласни во борбата против насилството, кај нас и понатаму се сеуште неми. Молчењето и занемарувањето не се решение на проблемот. Гласот на сведоците треба да одекне во секоја свест, повикувајќи на стоп на насилството. Биди гласен, решавај проблем. Биди гласен и активен сведок.

Автори :

Илија Роглев, СОУ „Богданци“ – Богданци
Ајла Мемеди, СУГС „Зеф Љуш Марку“ – Скопје
Даница Левков, СОУ Гимназија „Славчо Стојменски“ – Штип
Немања Славковиќ, АСУЦ „Боро Петрушевски“ – Скопје