Социјални мрежи: Младите заробени во лажниот свет на инфлуенсерите
Социјалните мрежи земаат сѐ поголем замав во секојдневниот живот на младите. Со часови минуваат на Инстаграм, Фејсбук, ТикТок, Твитер, Јутјуб. Таму се изложени на секаква содржина, особено на она што им го сервираат инфлуенсерите или таканаречени влијателни личности. Некои се свесни за влијанието на инфлуенсерите, но не се имуни.
„Дефинитивно имаат големо влијание поради фактот што имаат многу следбеници и можат да допрат до нивната публика, којашто ги следи инфлуенсерите, сака да биде како нив,“ вели средношколецот Огнен Јовановски.
„Јас сум свесна дека тие користат фотошоп и други апликации за едитирање на фотографии и оти нивните производи се за реклама и маркетинг“, вели средношколката Лина Зеќири.
„Рекламата од инфлуенсер ме има убедено да купам одреден производ, иако ретко“, вели средншколката Магдалена Спасовска.
Виртуелниот свет на инфлуенсерите ги става под притисок младите во реалниот свет давајќи им лажна слика за начинот на живот, облекување, социјално однесување. Инфлуенсери престојуваат во скапи хотели, на монденски летувалишта, носат луксузна облека, пијат скапи пијалоци.
„Повеќето инфлуенсери се сведуваат на фасадери, како што може наједноставно да се наречат, односно креираат лажна слика за тоа што е животот, затоа што тие се секогаш средени, носат најбрендирана облека, совршена им е косата секој ден, и кога спијат се совршени, имаат прекрасна шминка, прекрасни коли итн. Живеат еден висок живот кој во реалноста го живеат малку луѓе и тоа негативно влијае на младите луѓе“, вели експертот за односи со јавноста, Магдалена Михајловска.
Младите мора да бидат многу внимателни и умерено да ги користат социјалните мрежи предупредува комуникологот Сеад Џигал.
„Една од најкритичните работи е колку време младите поминуваат онлајн. Треба да се има мерка, сè што е добро станува лошо ако е прекумерено. Едно чоколадо ако изедете е во ред , ако изедете три или четири чоколади тогаш тоа е лошо, ќе ве боли стомак. Младите мора да бидат информирани, едуцирани и поврзани за да споделуваат работи во форма на совет, да пренесуваат едни на други – „внимавај на ова” , „не го користи ова”, „ова е опасен предизвик и треба да се избегнува”, „не го следи овој инфлуенсер оти е многу штетен и препорачува опасни работи”, вели Џигал.
Најмладите се и најподложни на манипулација, предупредува социологот Љубица Невеселова од СОУ ,,Гоце Делчев“ од Валандово.
„Сметам дека младите коишто се на порана возраст можат да бидат под влијание, бидејќи сè уште не се доволно подготвени за животот во заедница, којшто е навистина сложен и полн со многу предизвици“, укажува Невеселова.
Последoто истражување на „Мorning Сonsult“ покажа дека 76% од младите следат инфлуенсери. 54% сакаат и самите да станат инфлуенсери. Дури 88% од младите преку инфлуенсерите и социјални медиуми дознаваат за проиводи или за услуги коишто сакаат да ги користат или купат. 56% го купиле производот што инфлуенсерот им го препорачал. Ова покажува дека младите мора да бидат многу внимателни, бидејќи во спротивно стануваат лесен плен за манипулација.
Автори:
Петра Митовска, ОУ „Исмаил Ќемали“ – Скопје
Луциа Василеска, СОМУ „Гостивар“ – Гостивар
Јордан Стојаноски, СОУ „Гоце Делчев“ – Валандово
Мартин Петров, СОУ „Гоце Делчев“ – Валандово