ГОЛЕМИТЕ мора да нѐ разберат-и ние сме изгубени во лавиринт
Мирјана Трендова, СОУ „Богданци“ – Богданци
Се наоѓам на прагот од средношколското образование, па затоа и сум мотивирана да размислувам и пишувам за него и за нас младите. Го употребив „средношколски живот“ за да сум појасна во нејасното.
Како тело со две души, од една страна животот на средношколците е страшен, од друга страна забавен. Страшен е зошто во него доминираат пијачките, сѐ се врти околу згодните девојки, брзите автомобили, лудите идеи, мисли, забави, излегувањата без време на нормално враќање дома, домашните задачи … Или, пак е забавен и возбудлив со цветот на љубовта, пријателството, со … сѐ е ОК – оценето со големо Like!
Која е вистината? Ако се запрашам лично јас како дел од актуелната група, тогаш со сигурност би го тврдела спротивното, од сѐ е ОК!
Периодот поминат во средно училиште е необична компилација од попатни разминувања со темните, нејасни лица кои доаѓаат и си одат …. Поговорката: „Она што е убаво, не трае вечно“, честопати се врзува со чувството на љубов, пријателство кои од вечност стануваат краткотрајност. Во битката истрајуваат(ме) само одредени – борци. Контра нас, пак, ГОЛЕМИТЕ со неверување, прашално ќе коментираат: „Со што се борите вие? Вие немате никакви стресови! Вие не плаќате долгови! Вие не одите на работа! Вие не знаете како е!”
Да, можеби набројаното не го знаеме, но ние сепак знаеме!
Знаеме како е тагата да ти е „најдобар пријател”. Знаеме како е да си осамен остров кој сонува, за да побегне од вревата на денот и монолозите на професорите за важноста и корисноста на нивниот предмет во животот и работата. А, ние го мразиме и не го разбираме, зошто денес ниту знаеме, ниту сакаме да го „работиме“ токму тој предмет? Знаеме колку изгубено се чувствуваме кога лавиринтот од нашите мисли и планови за иднината не ни дава излез. Разберете нѐ! Ние имаме планови и омилени теми и часови, но дел од вашите предмети, тестови и испрашувања, денес, прават да се чувствуваме бескорисни. Тоа е сѐ што тие ни нудат.
Приморани сме да ги прифаќаме без компромис и поинакво решение од толку очигледното – да се биде хуманист , човек во човек!
Вие, многу малку знаете, од она што ние знаеме. Знаеме како е да се заспие со скршено срце, црвени очи и исплакана душа. Знаеме колку длабоко се врежуваат и болат кажаните муабети за нас, кои се секогаш побројни од оние за познатите. Знаеме како е да немаш желба за ништо, да немаш сон, да се чувствуваш како губитник, несреќа. Знаеме како е да се изгуби страста за нешта што нѐ правеле толку среќни, да пружиш рака, но да нема кој да ја дофати, да си сам своја поткрепа, бидејќи не можеш да сметаш на ниедна друга, да се насмевнеме кога сме најслаби.
Не би било сон. Не би било болно. Не би било страшно … кога би можеле да се почитуваме според различноста, кога би биле пријатели без приговор, рамо за плачење, верен збор, надеж … кога на лицемерието би му свртеле грб, кога меѓу младите, скалите на хиерархија не би се движеле според богатството, кој е „најкул“, бубалица, кога радостите би биле поприсутни од тагите, тогаш и учењето ќе ни биде кул!