Јубилејни 75 години настава на македонски јазик – Како се чуваше зборот
Една од најстарите, но и најреномирани образовни институции во нашата држава, гимназијата „Јосип Броз-Тито“ во Битола, на 6 февруари прославуваше 75 години од одржувањето на првиот наставен час на македонски јазик.
Одбележувањето на значајниот јубилеј започна на 5 февруари во малата сала на Центарот за култура во Битола, со сатиричната претстава „Женски муабети во Горната“ подготвена од ораторскиот клуб „Анима 3“ при гимназијата и професорката по Македонски јазик и литература Даниела Петревска – Матевска. Целта на оваа претстава беше да се исмее погрешното говорење на македонскиот јазик, но и да укаже за поправка во иднина.
Прославата продолжи на 7 февруари во НУ Народниот театар Битола кога се одржа Свечената академија на гимназијата. Настанот отпочна во холот, со проекција на краток документарен филм „Петре – љубов, бол и непребол“ кој е посветен на Петре М. Андреевски, изработен од учениците на гимназијата.Таму беше поставена и изложба на ликовни дела на ученици.
Веднаш по него, на присутните во преполната сала им се обратија директорката на училиштето Фанија Наумовска, градоначалничката на општина Битола Наташа Петровска, техничкиот премиер Оливер Спасовски и универзитетскиот професор Људмил Спасов.
Беше прикажан краток филм за работењето на гимназијата од некогаш па сѐ до денес. Веднаш потоа, во главно светло беа учениците на драмската секција во проширен состав при гимназијата, со театарската претстава „Како се чуваше зборот“. Учениците, под менторство на професорот по Македонски јазик и литература Никола Трајковски, со секвенци од најзначајните дела на македонски автори го прикажаа патот на развојот на македонскиот јазик.
Потоа беа доделени благодарници на заслужни поединци и компании. На јубилејот беа присутни голем број функционери, ученици, вработени, како и пензионирани професори кои работеле во гимназијата и придонеле за тоа што е таа денес.
Во прославувањето се вклучија и ЕСМ со РЕК Битола, кои по овој повод реновираа и реконструираа една училница во гимназијата.
Ана Марија Наумовска, СОУ Гимназија „Јосип Броз – Тито“, Битола