Активирај се | Создадено од вас |

Македонскиот Доктор Офболи

feat-img

Се присетува кога за роденден како дете добил кученце и оттогаш животните му станале дел од неговото секојдневие. Професорот по ветерина Ивица Спасовски во неговиот живот посветил премногу грижа за кучиња, мачки, папагали, а денес има мини фарма со повеќе видови на животни и украсни птици. Ја сака и работата со ученици, па денес предава токму во средното училиште кадешто учел – скопското ветеринарно училиште „Браќа Миладиновци“.

Неговото прво работно искуство го имал уште како средношколец. За време на летниот распуст, минувал пракса за ветеринарна медицина по неколку часа дневно. Образованието го продолжил на Факултетот за ветеринарна медицина, кој поради љубовта кон професијата го завршил за рекордно време. За време на студиите повторно работел хонорарно во ветеринарен центар, кадешто имал можност да изведува хирушки интервенции во „Азилот Вардариште“, а после студиите стажирал во Франција. Затоа и денес, како професор, е задоволен и исполнет што учениците пројавуваат голем интерес за работа додека учат.

„Учениците по предметот Фармакологија првпат во програмата имаат примена на лекови на различен начин. При првата помисла дека треба да стават инекција на животно им се тресат рацете, дури и одбиваат. Меѓутоа, подоцна станува една од омилените активности, па дури слободно можам да кажам дека учениците бегаат од часови за да одат во училишната фарма и да ставаат инекции. Поради големиот интерес на учениците, училиштето прави напори да изгради парк во кој ќе има повеќе животни, вклучувајќи срна, пони-коњчиња, коњи, гуски, исто така и проширување на фармата со зајаци.“, ни кажа Спасовски.

drofboli1Професорот, кој заслужено може да го има епитетот „Доктор Офболи“, вели дека ветеринарната професија е благодетна и хумана. Со неговата енергија ги мотивира учениците да ја засакаат уште повеќе. Професорот е омилен кај средношколците зашто несебично го пренесува своето богато искуство, им нуди можности да учествуваат на натпревари и им помага за секој проблем со кој ќе се соочат во ветеринарството.

„Моја голема радост е што судбината ме врати таму кадешто завршив средно образование, каде што ги слушав првите совети за успех од моите професорки, а кои сега ми се колеги. Уште поголем предизвик и чест ми е да ја пренесам енергијата на идните генерации.“, рече професорот.

Тој смета дека во ветеринарството во Македонија нема доволно професионални обучени кадри и затоа срдечно им порачува на учениците доколку ги сакаат животните, да учат и студираат ветерина.

Автори: Христина Трпчевска III-1, Христина Најдовска IV-1, Александра Тасева III-2, СУГС „Браќа Миладиновци“