Млади претприемачи и амбасадори на Македонија
На училишен терен ја развиваат сопствената компанија и претприемничкиот дух, а преку меѓународни проекти за претприемништво успешно ги претставуваат и училиштето и државата. Тоа се средношколците од скопската гимназија „Раде Јовчевски Корчагин“ кои го следат предметот Иновации и претприемништво. Наставата која им овозможува практична примена на претходно здобиените знаења и вештини ги оспособува корчагинци уште како тинејџери да ги осознаат основите и функциите на бизнисот и да се подготват за нивното идно факултетско образование и кариера.
Ученичката компанија успешно се менаџира од средношколци од целото училиште и организира настани преку кои собира пари и други средства за различни цели. Бордот на директори, пак, посетува реални компании од кои ги црпи искуствата на вистинските менаџери. Средношколците велат дека ваквиот пристап на учење за нив е охрабрувачки, осознавајќи се` што е потребно за успех.
-За нас ова е одлична прилика да видиме како функционираат големи фирми. Навистина е многу појасно кога ќе видиш како работите се во пракса, вели ученичата Елена Најденовска, која е членка на Бордот на ученичката компанија.
-Мене ме интересира маркетиншкиот дел. Всушност нивната најголема реклама е онаа од човек-на-човек, а тоа беше интересно затоа што сме навикнати на користењето на интернет просторот, ги раскажува впечатоците средношколката Анастасија Попоска од посетата на една компанија.
Ученичките велат дека при посетите на компаниите многу често слушаат за интересни настани и анегдоти кои потоа ги применуваат во училишните проекти.
Еден од успешните проекти по предметот Иновации и претприемништво е „Македонија, земја богата со историја, култура и традиција“. Како дел од него, група средношколци ја посетија приватната гимназија „Процивитас“ во Хелсинбург, Шведска, кое е партнерско училиште на скопското „Раде Јовчевски Корчагин“. Младите претприемачи овој пат беа и амбасадори на државата. Коргачинци ги презентираа природните убавини и националните богатства преку живописни презентации, културата и мелосот преку песна и танц, а нивните врсници од Шведска вкусија и дел од разноврсната традиционална македонска кујна. Македонските средношколци го посетија и Македонскиот клуб на иселеници во Хелсинбург, кадешто се дружеа и ги споделуваа искуствата со нивните сонародници кои живеат и учат во Шведска.
-Од ова патување научивме, осознавме и пренесовме многу нови работи. Остваривме многу контакти кои со задоволство ќе ги одржуваме. Бевме во шведскиот град Малме, а во соседната Данска го посетивме хамлетовиот замок „Кронборг“ во гратчето Хелсињор, место преполно и пребогато со данска култура и историја Не можевме да го одбиеме и повикот на македонскиот амбасадор во Данска, па го посетивме и Копенхаген, кадешто прошетавме до ѕидот на среќата, палатата на кралицата, халата во која се одржуваат познати светски опери, и уште многу други знаменитости од кои може здивот да ти застане, раскажуваат возбудено корчагинци.
Учениците велат дека проектите и мобилноста во други европски држави им овозможува да ги воочат разликите и да направат споредба на македонскиот со образовните системи на поразвиените земји и на тој начин да стекнат знаење и идеи кои ќе ги користат за нивните следни подвизи.