Активирај се | Создадено од вас |

Младите треба да имаат избор

feat-img

Младите во денешно време се преокупирани со банални работи. Социјалните мрежи ни го окупираат скоро целото слободно време што го имаме. Благодарение на нив, квалитетите и вредностите кон кои би требало да се стремиме остануваат во сенка.

За жал, таква е реалната слика за мнозинството наши врсници. Нѐ интересира кој каква слика објавил на Фејсбук, колку лајкови собрал, кои пријатели и што ни коментирале и кој каде се „чекирал“. Опседнати сме животот да си го прикажеме како бајка во која ние сме најубавите, имаме најпосветени пријатели, богато момче или девојка, а секојдневието ни е исполнето до максимум, функционираме 200 километри на час.

Меѓутоа, сметам дека ваквите „трендови“ што ги следиме нѐ прикажуваат во едно сосема поинакво светло. Покажуваат дека сме автоматизирани суштества кои постојано ги следиме „трендовите“, подготвени сме да прифатиме сѐ што ни се наметнува, без притоа да промениме нешто, без да размислуваме што би правеле понатаму или каде се гледаме во иднина итн.

Да. И Фејсбук и Инстаграм и сите слични на нив си го земаат данокот. Наместо реални пријатели, на нив имаме само познаници кои сме ги виделе два-три пати, седиме меѓу четири ѕида наместо да се социјализираме.

Тука морам да го споменам и проблемот со кој се соочуваат сите тинејџери и млади лица во малите места. Буквално, немаат каде и како да го трошат времето, нема кино сали, не се одржуваат театарски претстави, нема културни или едукативни настани.
Наместо тоа, има опција за кафе-муабет во кафуле или „висење“ на телефон.

Затоа, за да можеме да промениме нешто кое би нѐ однело во подобра иднина, потребно е и самите да ги смениме навиките, но и некој друг да се погрижи да имаме избор како да го трошиме нашето време.

Автор: Маријана Николова, СОУ „Ванчо Прке“, Виница