Активирај се | Создадено од вас |

Ни фали да учиме за емоциите

Дора Смилевска, СУГС „НиколаКарев“, Скопје

Навлегувајќи подлабоко во адолесценцијата и запознавајќи се со мојата 17та година, многу често се наоѓам себеси изгубена во ситуации, во кои не успевам да ги контролирам своите емоции. Караниците со пријател ми предизвикуваат лутина и бес, разговорите во кои моите родители секогаш мислат дека се во право – нервоза, а веќе сум и во тие години кога голем проблем ми претставуваат и момчињата. Но, начинот да започнам да ги препознавам, лоцирам и да се справувам со моите емоции беше многу полесен отколку што очекував. Вниманието ми го привлече еден семинар за емоционална компетентност, а мојата заинтересираност продолжи, водејќи ме кон поопширна работилница на истата тема. Убавото лежи во тоа што секој може да научи да биде емоционално компетентен и да работи со своите чувства, а тоа со себе му носи повеќе придобивки. Препознавајќи ги, лоцирајќи ги и спротиставувајќи се на своите чувства, човекот има поголема контрола врз себе, а воедно и врз другите, бидејќи емпатијата произлегува токму од препознавајќи ги емоциите на луѓето околу Вас. Во оваа ситуација човекот се чувствува поблизок со другите луѓе, во него се развива доверба, бидејќи преку своите емоции, несомнено се поврзува со другите. Контролирањето на нашите чувства, најмногу на негативните, чувствата кои беспотребно не истоштуваат, помага и во намалување на штетните навики – пушење цигари, конзумирање алкохол; организмот препознава што му е неопходно и навистина потребно, бидејќи веќе знае како да се грижи за себе и самостојно да си помогне. И верувајте, помошта и утехата кои можеме да си ги понудиме самите себеси, се најдобриот лек, бидејќи се познаваме себеси, своите мисли, погледи и чувства најдобро и најдлабоко.
Секако, поседувањето на емоционална интелегенција, со себе носи и предности за нашето тело. Свеста не само што прави да се чувствуваме позрело, туку и нè тера да се грижиме за себеси, својот изглед и за своето целокупно здравје.

Многу би сакала да истакнам дека жалам што во нашиот образовен систем, воопшто не се дава значење на оваа тема, ниту на нејзината важност. Справувањето со емоциите на учениците резултира во нивното однесување, за кое што барем делумно, би требало да имаат удел и настанивниците и професорите, а означувањето на темата емоционална компетентност како релативно табу тема, само попречува во комплетно оформивање на нашиот карактер и начин на живот.